Јавниот превоз во последните децении низ земјите од Западен Балкан беше критикуван за ниското вложување во нови возила и обезбедување на модерни услови за патниците. Сликата постепено се менува, и неколку градови се потрудија да ја подобрат како инфраструктурата, така и услугите во самите возила. По серијата поскапување на горивата граѓаните се во неизвесност, но јавните градски претпријатија и општинските власти засега не ги кренаа цените, иако таквата опција се разгледува.
ТРТ Балкан направи преглед на цената на јавниот превоз, можностите за плаќање, како и организираноста.
Ако се движите низ Скопје, Белград, Сараево, Подгорица, Тирана и Приштина на располагање најчесто од јавниот превоз ќе имате автобуси или трамвај. Цените на едно возење во централните градски зони се движат од 33 евроценти во Тирана како најевтина дестинација за јавен превоз, до речиси 1 евро во Подгорица каде автобускиот градски превоз е најскап.
Како е организиран јавниот превоз во Скопје?
Граѓаните и посетителите на македонската метропола Скопје засега се потпираат единствено на автобуски превоз. Проектите за трамвај после децении на анализи се откажани и фокусот е ставен на набавка на еко-автобуси. Јавниот превоз е поделен на линии кои ги сервисира Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП-Скопје), а мал број линии се доделени на приватни превозници. Сепак, цената на билетот е единствена и изнесува 57 евроценти.
Платежната картичка е унифицирана и патниците може да ја користат во сите градски автобуси. Благодарение на инсталираните автомати патниците може да платат и преку мобилен телефон со повик на специјалниот број 185, но мора да се поврзани на мрежа на македонски мобилен оператор. Цената на возењето изнесува 65 евроценти.
На корисниците на располагање им се и неколку мобилни апликации за планирање на патувањето и пронаоѓање на рута. Апликацијата за смартфон на ЈСП е најслабо оценета од корисниците, и наместо тоа многу популарна е ЈСП Лајв која дава прецизни информации за пристигнување на следниот автобус и служи како локатор на најблиската постројка.
Модерен вебсајт и амбициозни планови
Споредено според организираноста, модерен веб сајт има Секретаријатот за јавен превоз на Белград каде има преглед на сите дневни и ноќни линии на автобуски и шински превоз.
Патниците може да ја користат унифицираната БусПлус картичка која може да се надополнува со припејд кредит за возење во сите видови на јавен градски превоз. Во Белград едно возење низ централните линии чини 76 евроценти, а месечната карта е 25,4 евра.
Се плаќа и со мобилен телефон кој мора да поддржува НФЦ технологија за бесконтактни плаќања, а притоа мора да биде инсталирана и МТС Центар мобилната апликација. Цената на едно возење со телефон изнесува 84 евроценти.
Градските и централните власти најавија и изградба на првата метро линија, засега единствена во регионот.
Голем избор на возила, но малку иновации
Централното градско подрачје на Сараево е прилично добро поврзано и со автобуси и со шински превоз. Цената на билетите е 82 евроценти, а месечната карта за сите форми на јавен превоз за тие што не спаѓаат во повластените категории изнесува 27 евра.
На веб сајтот на Кантоналното јавно комунално претпријатие делот за електронска наплата е нефункционален и нема информации за можност да се плати билет со мобилен телефон.
Последната иновација е воведена во 2017 година со БасИнфо при што корисниците со испраќање на порака на бројот 133 може да добијат информации за пристигнување на следниот автобус, а пораката се наплаќа според тарифите на локалните мобилни оператори.
Германски рецепт во Подгорица
Градот Подгорица како локална самоуправа соработуваше со Германската развојна агенција за воведување на електронска наплата на билети во автобусите на јавниот превоз.
Исто така креирана е и мобилната апликација Клик Бус која овозможува купување на електронски билети и бесшалтерско продолжување на месечните билети кои чинат 30 евра и се најскапи во регионот.
Подгорица го има и најскапиот билет за едно возење во износ од 90 евроценти. Граѓаните и посетителите на црногорската престолнина своето патување може да го планираат преку апликацијата или преку веб сајтот на Клик Бус со информации за сите линии, возен ред, автобуски постојки и цени на билети.
Приштина и Тирана се потпираат на „приватници“
Јавниот превоз во Приштина е претежно препуштен на приватни превозници со автобуси и комбиња. Под градска управа се опслужуваат седум линии со 50 автобуси. Цената на едно возење во градот изнесува 40 евроценти. Сите информации за распоредот и линиите може да се најдат на сајтот на Трафик Урбан, додека пак наплатата се врши директно во возило кај кондуктер. Месечниот билет чини 14 евра за сите граѓани.
Тирана исто така во голема мера се потпира на приватните превозници организирани во Националната асоцијација на јавни превозници на Албанија. Поради протестите на превозниците во октомври јавниот превоз во Тирана се одвиваше со преполовен капацитет. Патниците за едно возење во Тирана треба да платат 33 евроценти, а за месечна автобуска карта 13,2 евра.