Каде во регионот недела со закон е неработен ден     Фото; TRT Balkan

Недела веќе девет месеци е неработен ден во Северна Македонија. Мерката, која со последните законски измени е на сила од 1 јануари годинава, важи за 41 дејност.

Разни иницијативи главно поттикнати од организации на стопанственици не успеаја да го вратат претходното законско решение. И последната иницијатива на Стопанската комора за оспорување на уставноста на мерката доживеа неуспех. Уставните судии не расправаа бидејќи Уставниот Суд на Северна Македонија треба да се доекипира со уште пет судии за да може ефективно да функционира.

ТРТ Балкан дава преглед на законските обврски што произлегуваат од прогласувањето на недела како неработен ден во Северна Македонија, но и како е во другите земји од регионот во однос на иницијативи за и против недела како неработен ден.

Од 50 до 100 отсто поголема дневница

Мерката во Северна Македонија не важи за оние дејности кои не можат да го прекинат производствениот процес. Но затоа работодавачите мора да им исплаќаат 50 проценти поголема дневница. Вработените кои ќе работат во недела треба да добијат и еден слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена.

Работата на трговските субјекти не е регулирана со Законот за недела неработен ден туку со Законот за трговија. Вработените во оваа гранка кои работат во недела треба да добијат двојна дневница (поголема за сто проценти) и слободен ден во наредните седум дена.

Казни за работодавачите

За работодавачите кои ќе го прекршат законот се предвидени казни. Забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава, а ко повторно го прекршат законот ќе мора да го затворат објектот 30 дена.

Додека трае периодот предвиден со казната, работодавачите мораат на вработените да им исплаќаат плата во висина на онаа од претходниот месец и не смеат да го намалуваат бројот на вработените.

Во Црна Гора казни од 1.000 до 10.000 евра

Мерката за недела неработен ден важи и во Црна гора и тоа уште од 2019 година. Оваа мерка се однесува и на 37.000 вработени во трговијата.

Во недела во Црна Гора предвидено е да работат само аптеки, продавници за леб и бели пецива, цвеќарници, сувенирници, бензински станици и маркетите во нив. Може да се купува и на пазари или во киоск. Работат и штандови и киосци на јавни манифестации и фестивали, објекти за трговија на големо.

Казните за непочитување на овие мерки изнесуваат од 1.000 до 10.000 евра, а постои и мерка затворање на објектот.

Не се работи и во некои градови во БиХ

Во Босна и Херцеговина (БиХ) имаше иницијатива недела да биде прифатен како неработен ден, но измените на законот не беа прифатени во Парламентот. Мерките добија поддршка од работниците и синдикатите.

Сепак, одредени градови и општини одлучија дека недела ќе биде неработен ден за вработените во трговијата. Тоа е случај во Бијелина, Ливно, Сански мост, Зворник, Кисељак, Мостар, Нови Травник.

Безуспешни иницијативи во Србија и Косово

Недостигот на политичка волја од власта, работодавачите и синдикатите за изнаоѓање заеднички јазик е причината поради која вакви иницијативи не успеаја во Србија, БиХ и Косово.

Според Законот за трговија во Србија, работниците имаат еден слободен ден, но тој не е секогаш недела. Српскиот претседател Вучиќ е со став дека кога економијата има раст треба да се поттикнува, а не да се ограничува.

Иницијативата за недела неработен ден во Косово во 2020 година беше поздравена од работниците и синдикатите, а оспорена од бизнис секторот. Дел од услужните и трговските субјекти како што се рестораните, кафулињата, трговските центри се спротивставија бидејќи токму во недела остваруваат поголем приход. Законот за работни односи во оваа земја одредува 40 часа неделно работно време распоредени во смени во зависност од потребите.

TRT Balkan
Популарни