Ситуацијата на северот на Косово и во градот Митровица утринава е мирна по одлуката на Владата на Косово да го одложи почетокот на примената на одлуката за реципроцитет на српски документи.
Во местото Рударе кај Звечане, на магистралниот пат кон граничниот премин Јариње на северот на Косово утринава се забележани блокади на патот. Десетици камиони полни со песок го блокираа магистралниот пат Митровица - Лепосавиќ, кон преминот Јариње.
Почеток на блокадите на северот на Косово
Најпрвин во Северна Митровица вчера попладне се слушнаа сирени за предупредување, што беше знак за граѓаните да почнат да се собираат. Потоа почнаа блокадите на магистралните патишта на камионите и возилата.
Според одлуката на Владата на Косово од 29 јуни, во понеделник на 1 август 2022 година, требаше да почне издавањето на привремени декларациски листови на граничните премини на лицата кои влегуваат во Косово со лични карти на Србија. Исто така, требаше да почне двомесечниот процес на пререгистрација на илегалните регистарски таблички со ознаки од косовските градови, „ПР“, „КМ“, „ПЗ“ и слично, кои ги издава Србија, во таблички РКС (Република Косово).
Курти: Испланирани и поттикнати агресивни акции од Белград
Потоа на јавноста и се обрати премиерот на Косово Албин Курти, кој рече дека „органите на редот и безбедноста на нашата држава собираат информации, ја следат состојбата и ќе делуваат во одбрана на законот и граѓаните, нашиот суверенитет и територијалниот интегритет“.
„Пред почетокот на издавањето на документите за влез и излез на граничните премини со Србија, илегалните српски структури на северот на Косово почнаа со блокада на патиштата и со пукање. На тоа претходеа запаливи изјави и состаноци во Белград и Рашка. Тоа се испланирани и поттикнати агресивни акции кои се случуваат денес“, наведе Курти во објава на социјални мрежи. Додаде дека „следните часови, денови и недели можат да бидат предизвикувачки и проблематични“.
Чавушоглу телефонски разговараше со министрите на Србија и Косово
Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше во текот на ноќта со министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ и со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц.
Чавушоглу во разговорите истакна дека нови напнатости во регионот никому не му се од корист и нагласи дека здравиот разум мора да надвладее.
Од мисијата на КФОР во Косово во неделата навечер соопштија дека се спремни да интервенираат доколку стабилноста во земјата биде загрозена.
Вучиќ: Се надевам дека ќе има добри вести
Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа по одржаниот состанок во Генералштабот на Војската на Србија изјави дека се надева оти ситуацијата во Косово од понеделник (денес) ќе биде деескалирана.
Тој заедно со началникот на Генералштабот на Војската на Србија Милан Мојсиловиќ разговараше со командантот на КФОР.
„Се надевам дека ќе има добри вести и дека ова од утре ќе биде деескалирано и дека ќе можеме во наредниот период да дојдеме до решение“, рече Вучиќ.
Владата на Косово ја одложи примената на мерките за наредниот месец
Премиерот Албин Курти заедно со претседателката Вјоса Османи и вицепремиерите Бесник Бислими и Доника Гервала Шварц остварија контакти и состаноци со американски и европски меѓународни фактори, после што е донесена одлука мерките на реципроцитет на српските документи да се одложат за 1 септември, доколку се отстранат сите бариери на патиштата и доколку се овозможи слобода на движење на северот на Косово.
„Станува збор за тенденција за дестабилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на граѓаните и нашата земја. Попладнево и вечерва имаше бројни агресивни акти поттикнати и подготвени од официјален Белград“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Борел ја поздрави одлуката на Владата на Косово
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел ја поздрави одлуката на Косово за одложување на мерките, истакнувајќи дека очекува сите блокади да бидат веднаш отстранети.
„Отворените прашања треба да се решаваат преку дијалог, со посредување на ЕУ, и да се фокусира на сеопфатна нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, што е од суштинско значење за нивната интеграција во ЕУ“, напиша Борел на социјалната мрежа Твитер.
Полицијата на Косово соопшти дека по службена должност и законски овластувања продолжува со своето ангажирање во овозможување на безбедноста, чување на редот и јавната безбедност, спроведување на одлуките на институциите и преземање на мерки во согласност со ситуацијата и случувањата во Северна Митровица.
Полицијата на Косово: Во четири случаи пукано во правец на полициските единици
Полицијата на Косово соопшти дека двата гранични премини Јариње и Брњак остануваат затворени за сообраќај, поради „продолжување на блокадите на патиштата во правец на овие два гранични премини кои се создадени со тешка опрема од страна на организирани криминални лица/групи.“
„Официјалните информации потврдуваат дека вчера, на 31.07.2022, по блокадата на патиштата во Северна Митровица, во четири случаи е пукано во правец на полициските единици како и во еден случај се слушна дека дојде до детонација. За среќа, нема извештаи за повредени граѓани или полициски службеници од огнено оружје“, соопшти косовската полиција.
„Досега се пријавени четири случаи каде албански граѓани кои патувале во тој дел биле запрени и малтретирани, нанесувајќи им повреди и материјална штета на нивните возила, од страна на осомничени лиза за кои се сомнева дека се дел од организациите за блокада на патиштата“, соопшти полицијата.
Полицијата на Косово, според соопштеното, сите понатамошни активности ќе ги преземе во соработка и координација со правосудните органи.