Законската регулатива во земјите од регионот не го диференцира целосно он лајн насилството / Photo: ТРТ Балкан

Онлајн насилство, според УНИЦЕФ, е секој вид насилство кое настанува со употреба на дигитална технологија. Овој вид насилство , според истиот извор, може да се случи на социјални мрежи, платформи за разменување на пораки, видео игри… Со ширење компромитирачки фотографии на социјални мрежи, повици за насилство кон одредена личност или група (сајбербулинг), заплашување, испраќање навредливи пораки, лажно претставување или претставување во туѓо име, сексуална злоупотреба.

Осудата, но и поддршката на ученикот кој го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на социјалните мрежи и заканите дека други можат да го повторат делото ни беше повод за анализа за тоа како земјите од регионот законски ги третираат онлајн насилството и оние кои го поттикнуваат.

Ксенофобијата и расизмот казниви во Северна Македонија

Во Северна Македонија Кривичниот законик има неколку одредби кои се однесуваат на онлајн насилство и ширење на материјали преку компјутерски системи. Таму се третираат закани по безбедноста преку информатички системи за тешки кривични дела за кои е предвидена казна затвор. Особено ако тоа е насочено кон припадници на заштитена група казната затвор е најмалку пет години.

Во членот 394 е опфатено делото кое се однесува на ширење ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

„Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години”, се вели во овој член.

Општата опасност причина за повисока казна во Србија

Неколку десетици пријави има во Србија за заканувачки пораки добиени преку социјалните мрежи. Ако се утврди дека сториле дело предизвикување општа опасност, на испраќачите на заканувачки пораки им се заканува повеќегодишна затворска казна. Казната затвор може да биде од шест месеци до две години, а за потешките дела од две до десет години. За најтешките дела во оваа категорија предвидена е казна од 12 години.

Во Србија најраспространето е насилството преку интернет кон децата и жените. Кривичните дела поврзани со правење или ширење слики со детска порнографија се казнуваат од шест месеци до осум години. За објавување на снимки или слики со кои се задира во нечиј личен живот е предвидена казна до две години.

Од 30 дена до 8 години затвор во БиХ за технолошки криминал

Кривичното дело „онлајн насилство” и во законите на БиХ не е познато односно се третира насилство или друго кривично дело направено со дигитална технологија. Според кривичниот закон на БиХ, казните за делата предизвикани со технолошки криминал се движат од триесет дена до осум години, иако за одредени дела е предвидена и парична казна.

„Кој ќе ја загрози сигурноста на одредно лице со сериозна закана дека предмет на напад ќе бидат нејзиниот живот и тело ќе се казни со казна затвор до шест месеци”, се вели во Кривичниот закон на БиХ. Со казна од три до пет години ќе се казни оној кој ќе го загрози животот на повеќе лица со сериозна закана дека ќе атакува на нивниот живот.

Црна Гора без соодветно законодавство

И во Црна Гора не е комплетно развиено законодавството кое третира дела кои можат да се категоризираат како онлајн насилство. На тоа укажува и Европската комисија во еден од последните извештаи за напредокот на Црна Гора. Сајбер насилството не се третира како посебно кривично дело, но постојат закони кои го третираат високотехнолошкиот криминал. Во оваа земја особено се бара системски одговор за онлајн насилството врз жените на јавни функции и оние кои се дел од политиката.

Бројот на истраги во Црна Гора во областа на сајбер криминалот во 2019 година бил четири, а во 2020-19. Биле изречен две казни од кои една затворска.

Насилство кон жените во политиката во Косово

Повиците за насилство на разни категории граѓани и случаите на педофилија се меѓу најзастапените во интернет просторот на Косово. Насилството честопати има и етнички предзнак. Тамошниот кривичен закон предвидува член кој третира штета направена со влез во туѓ компјутерски систем.

„Тој што неовластено и со цел да стекне противправна материјална корист за себе или за друго лице или да предизвика штета на друго лице, менува, објавува, потиснува или уништува компјутерски податоци или програми или на кој било друг начин влегува во туѓ компјутер. систем, се казнува со парична казна и со затвор до три години. Ако прекршокот резултира со материјална корист поголема од 10.000 евра или материјална штета поголема од 10.000 евра, сторителот ќе се казни со парична казна и со затвор до пет години”, се вели во овој член.

Според едно истражување на НДИ, 45 проценти од испитаниците изјавиле дека насилството на Интернет во Косово е насочено кон жените во политиката.

Национална стратегија за сајбер безбедност во Албанија

Во Албанија пред три години беше усвоена националната стратегија за сајбер безбедност 2020-2025. Говорот на омраза и булингот кај младите и жените исто таја се причина за грижи во ова општество. Според националниот извештај за онлајн безбедност на децaта во Албанија, секој втор ден дете или малолетници пријавуваат онлајн инциденти. ТикТок била мрежата за која биле пријавени најголем број инциденти. Кривичните дела поврзани со онлајн насилство се третираат со кривичниот закон.

Предвидени се дела намерно ширење материјали преку компјутерски систем кои поттикнуваат геноцид или злосторства против човештвото, закани за убиство или тешки повреди, ширење материјали со расистичка или ксенофобична содржина, навреди според некоја припадност. За овие дела се предвидени од парични казни до шест години затвор.

TRT Balkan
Популарни