Казахстан следната година ќе отвори амбасада во Скопје / Фото: AA

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, беше домаќин на потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тлеуберди.

Двајцата министри одржаа билатерален состанок, а се одржа и пленарен состанок меѓу двете делегации, по што следуваше и заедничка прес-конференција на Османи и Тлеуберди.

Османи рече дека посетата на Тлеуберди се случува по една година од неговиот престој во Казахстан, при што беше пуштена во употреба Амбасадата на Република Северна Македонија во Астана.

„Денес сум почестен со можноста да ја информирам јавноста со одлуката на Владата на Казахстан да отвори амбасада во Северна Македонија веќе од следната година“, рече Османи.

Тој исто така изјави дека средбата била продуктивна, со фокус на економската и бизнис-соработка.

Османи истакна дека двете земји во септември во Алмати, Казахстан, одржаа успешен бизнис-форум, и притоа најави дека идната година е планирано одржување на втор бизнис-форум во Скопје.

Тој исто така најави дека од утре во Скопје ќе престојува и министерот за економија на Казахстан, при што ќе се одржи и првата седница на меѓувладината комисија за трговско-економска соработка.

Тлеуберди во неговата изјава изрази задоволство што тој е првиот министер за надворешни работи на Казахстан што престојува во посета на Скопје. Тој истакна дека двете земји имаат заеднички позиции за најважните прашања на меѓународната агенда.

Тлеуберди ја истакна важноста од продлабочување на економската соработка, особено во областа на земјоделието, индустријата и туризмот.

„Генерално, Казахстан е решен да ја продолжи соработката со Северна Македонија во сите области на интеракција и се надевам дека нашите денешни разговори ќе дадат дополнителен поттик за продлабочување на партнерството меѓу Астана и Скопје, како на билатерален така и на мултилатерален план“, рече Тлеуберди.

Во рамки на неговиот престој во Скопје, Тлеуберди се очекува да се сретне и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

AA
Популарни