Југословенскиот пасош широко ги отворал вратите на светот. Ова неретко може да се чуе и денеска од повозрасните граѓани кои живеат на територија на поранешна Југославија кога ќе бидат запрашани за моќта на црвениот југословенски пасош.
И покрај тоа што југословенскиот пасош бил еден од ретките пасоши со кои можело да се патува слободно и на Исток и на Запад, помалку познат факт е дека државјаните на Југославија не можеле да патуваат без виза во САД, СССР, Израел, Кина, Грција и Албанија. Но покрај овие ограничувања, во стотици земји се патувало без проблем.
Денес, пасошите на земјите од Западен Балкан и регионот имаат далеку помала моќ.
Каде со виза, а каде без виза?
Според најновиот индекс за моќноста на пасошите (The Henley Passport Index) за 2023 година, во зависност од тоа во колку земји може со пасошот да се патува без виза, најмоќна патна исправа во регионот и Западен Балкан има Словенија, а со пасошот на Косово најтешко се патува.
Оние кои го поседуваат словенечкиот пасош без виза можат да патуваат во 182 држави или територија. Пасошот на оваа држава се наоѓа на 11 место на ранг листата на овој индекс.
Хрватска е на 18 место на ранг листата. Со хрватскиот пасош може да се патува во 174 земји. Со пасошот на Србија може да се патува во 136 држави или територии и се наоѓа на 38 место на светската ранг листа.
Пасошот на Северна Македонија се наоѓа на 44 место на ранг листата и овозможува безвизно патување во 125 држави. На 45 место е пасошот на Црна Гора, чии сопственици можат безвизно да патуваат во 124 држави.
Со пасошот на Босна и Херцеговина без виза може да се отпатува во вкупно 118 држави, а рангиран е на 49 место. Албанија е рангирана на 51 позиција, а со пасошот на оваа земја може да се патува во 115 држави. Најниско рангиран пасош во регионот има Косово, кој се наоѓа на 101 место на светската ранг листа.
Сопствениците на овој пасош без виза можат да патуваат во 41 држава или територии.
Според самата бројност на држави во кои може да се патува без виза во Европа, најголема моќ имаат пасошите на Словенија и Хрватска. Сопствениците на овие пасоши без виза можат да патуваат во сите европски држави, освен во Русија и Азербејџан.
Со пасошите на Србија и Црна Гора без виза е можно да се патува во Русија, но виза е потребна за патување во Велика Британија и во Ирска, како и во Азербејџан и Гибралтар.
Оние кои во Европа патуваат со пасошот на Босна и Херцеговина, потребно е да имаат виза за Велика Британија, Ирска, Азербејџан, Гибралтар и Косово.
На државјаните на Косово им е потребна виза за повеќето европски држави. Без виза можат да патуваат во Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Туркије.
Јапонија и Сингапур имаат најмоќен пасош
Најмоќен пасош имаат државјаните на Јапонија и Сингапур. Јапонците без виза можат да патуваат во 193 држави, додека државјаните на Сингапур и Јужна Кореја, без виза можат да патуваат во 192 држави или територии.
Третото место на ранг листата го делат Германија и Шпанија чии државјани без виза можат да патуваат во 190 држави.
Финска, Италија, Луксембург и Шпанија го делат четвртото место. Оние кои ги поседуваат овие пасоши, можат да патуваат без виза во 189 држави.
„Најслаб“ пасош има Авганистан
Последен на листата е Авганистан. Со авганистански пасош може да се патува во 27 држави. Претпоследен е Ирак со чии пасош може да се патува во 29 држави или територии, а со пасошот на Сирија може да се патува во 30 држави.
Индексот на пасоши Хенли (The Henley Passport Index) објавува ранг листа на сите пасоши на светот според бројот на дестинации во кои со нив може да се патува без виза.
Индексот и неговата содржина базиран е на податоците на Меѓународната асоцијација за воздухопловен транспорт (IATA). Индексот обединува 199 различни пасоши и 227 дестинации на патување.