Железничката поврзаност со соседите некаде е реалност, а некаде само проект на хартија     Фото: TRT Balkan

За разлика од патниот сообраќај, железничката инфраструктура меѓу земјите од регионот не е целосно поврзана. Слабата реализација на инфраструктурните проекти, немањето финансиски средства и недоволната посветеност изминативе години го направија своето. Државите од опкружувањето ниту во внатрешноста не можат да се пофалат со целосна покриеност со железничка мрежа. Железничката поврзаност со соседите некаде е реалност, а некаде само проект на хартија.

Три децении чекање за пруга кон Бугарија и Албанија

Во Северна Македонија има вкупно 700 километри железничка мрежа. Според директорот на „Македонски железници” Хари Локвенец во овие 700 километри спаѓаат и станичните колосеци со должина од 800 до 1000 метри. На секоја станица има од два до пет колосеци.

Северна Македонија со железница е поврзана со Србија. Поврзана е и со Косово каде наскоро ќе биде овозможен и товарен сообраќај, а и со Грција. На поврзувањето до Бугарија и Албанија барем според најавите ќе се чека до 2027 и 2030 година.

До 2027 година треба да бидат завршени трите делници од Коридорот 8 кон Бугарија во должина од 89 километри, а до 2030 година западното проширување на Коридорот 8 кон Албанија во должина од 63 километри.

Србија со квалитетна инфраструктура

Во Србија вкупната должина на пругите заедно со колосеците во станиците е 4.093 километри. Од нив 3.526 километри се отворени пруги со еден колосек, а 283 километри се пруги со два колосека. Над 1.200 километри од железничката мрежа се електрифицирани.

Преку Коридорот 10, Србија е поврзана со пруга со Северна Македонија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, а преку Коридорот 11 со Романија и Црна Гора.

БиХ поврзана со Србија, а на лето и со Хрватска

Во Босна и Херцеговина вкупната должина на железницата е 1.031 километар. Од нив 608 километри се во федерацијата Босна и Херцеговина, а останатите во Република Српска. Од 608 километри во федерацијата, 540 се пруги со еден колосек, а 68 километри пруги се со два колосека. Од земјите во соседството, Босна и Херцеговина е поврзана со Србија, а во летната сезона постои и линија од Сараево до Плоче во Хрватска. Не се актуелни линиите од минатотот до Црна Гора.

Студија за поврзување на Албанија и Косово

На средината на октомври во Албанија беше распишан тендер за студија за изводливост на пруга за поврзување на Албанија и Косово во должина од 130 километри.

Целта е подобрување на сообраќајната поврзаност, намалување на патничкиот сообраќај и намалување на загадувањето. Првата фаза од студијата ќе чини 1,7 милиони евра. Вкупната должина на оваа линија би изнесувала од 125 до 137 километри со просечна брзина од 80 до 120 километри на час.

Косовската железница е со вкупна должина на пруги од 333 километри. Поврзана е до сега со Србија и Северна Македонија.

Должината на мрежата во албанската железница изнесува 447 километри. Постои меѓународна поврзаност со Црна Гора.

250 километри железничка пруга во Црна Гора

Црногорската железница има вкупна должина од 250 километри. Во Црна Гора се актуелни три железнички линии Подгорица-Никшиќ, Подгорица-Бијело Поље и Бар-Подгорица. Од соседите Црна Гора е поврзана со линија со Србија, а порано тоа беше случај и со Хрватска и Босна и Херцеговина.

TRT Balkan
Популарни