Туристичката индустрија се врати со полна сила по годините со пандемијата на Ковид-19, па жителите на градовите и местата кои се омилени локации за туристите го чувствуваат влијанието на прекумерниот туризам.
Такво место е Халштат во Австрија каде на локалните власти им дојде „преку глава“ од туристи. На брегот на истоименото езеро со алпски куќи и улички од 16 век, местото со жичница се поврзува со Салцвелтен, древен рудник за сол со подземно солено езеро и со платформата за гледање Skywalk Hallstatt. Но гратчето постави бариери за да ги спречи туристите да прават селфи и воведе дневни ограничувања на бројот на автобуси и автомобили.
Во продолжение ТРТ Балкан ви претставува дел од резултатите од анализата на Агенцијата за изнајмување куќи за одмор „Холиду“, за тоа кои градови во Европа се со најмногу посети од туристи.
Тие рангираа 35 најтуристички градови во Европа, според посетеноста во 2019 година-последната година пред пандемијата, а врз основа на која го пресмета процентот на бројот на туристи според глава на жител.
Дубровник прв на листата
Хрватскиот град Дубровник е убедливо прв на листата со 36 туристи на секој жител. Градот освен по традиционалната градба е познат и како локација каде што се снимаше серијата „Игра на тронови“. Дубровник е особено популарен во јули и август. Најдобро време за посета е на почетокот на мај или средината на септември до средината на октомври.
Дубровник, како и многу градови кои се високо рангирани на листата, има мало население, но рангирани се и големи градови како Лондон, кој е на 29-то место со тројца туристи на жител, а каде живеат речиси 9 милиони луѓе.
Венеција, Бриж и Родос во трка кон врвот
Второто место го делат Венеција во Италија, белгискиот Бриж и грчкиот град Родос, сите со 21 турист по жител.
Со своите мали улици и тесни мостови, логично е зошто Венеција се чувствува пренатрупана. Главниот проблем се туристите кои обично доаѓаат од бродови за крстарење кои застануваат по неколку часа. Поради тоа властите забранија влез на бродовите во центарот на градот.
Средновековното архитектонско чудо на Бриж привлекува гужва почнувајќи од крајот на мај и во поголемиот дел од летото. Туристите се собираат за да уживаат во прекрасната архитектура и живописните канали. Бриж има статус на светско наследство на УНЕСКО.
Родос, најголемиот од Додеканските острови е познат по своите антички урнатини, средновековни улици и палати и прекрасни плажи.
Следен на списокот, со 16 туристи по жител е Рејкјавик. Освен со својата живописна природа- прекрасни водопади, сини лагуни, глечери и активни вулкани Рејкјавик е познат по својот активен ноќен живот и голема музичка фестивалска сцена.
На шестото и седмото место се Фиренца, Италија и Ираклион во Грција со по 13 туристи по жител, па следат Амстердам, Холандија со по 12 посетители на жител.
Последните два града во топ 10 се Даблин, Ирска со 11 туристи по жител и Талин, Естонија со 10 туристи по жител.