Кои се најголемите извори на загадување на воздухот во Скопје? / Photo: TRT Balkan

Главниот македонски град Скопје редовно е на топ листата на градови со најзагаден воздух во светот. На оваа неславна позиција на градови со најзагаден воздух на светско ниво, Скопје се наоѓа со децении наназад.

Според швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „IQ Air“, индексот на квалитетот на воздухот во Скопје вчера вечер достигна рекордни 170, што повисоко во однос на последните денови. Утрово метрополата се разбуди како четврти најзагаден град на глобално ниво.

Што покажуваат студиите?

Со цел да се утврдат главните извори на загадување на воздухот во главниот град на Северна Македонија, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во 2022 година изработи и презентираше студија во која се анализирани и утврдени поединечните извори и видови загадувачи.

Согорување на биомасата, односно греењето на дрва, претставува најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух се наведува во заклучоците на студијата.

Согорувањето на биомасата е најголемиот извор на загадување во зимските месеци, а палењето огнови на отворено се причина за загаден воздух најмногу во пролет и лето. Сообраќајот, индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извор на загадување во текот на целата година. Минералната прашина како последица од градежните работи што обично интензивно се изведуваат во текот на летните месеци е најприсутен извор на загадување во тој период на годината.

Извори на загадување

Сублимирано, ова се најголемите извори на загадување на амбиенталниот воздух во Скопје, покажуваат заклучните резултати Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, изработена во проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Главната цел на истражувањето, кое траеше од октомври 2020 година до декември 2021 година, според Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој ги презентираше резултатите, беше да се лоцираат причините и да се пропорционира нивниот удел во загадувањето.

„Може да заклучиме дека биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот пеиод со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. Има и други значителни извори на загадување како што се нафтата и мазутот, минералната прашина и согорувањето на оган на отворено“, рече тогаш Мираковски.

Според резултатите од студијата, нафтата и мазутот се фактор кој е присутен во многу различни извори на загадување, како што е греењето на јавните објекти, индустриските емисии и сообраќајот.

Една од причините што овој фактор е високо на листата е што 52 отсто од училиштата во Скопје, или над 80 школи, се греат на нафта и мазут, а 48 отсто на централно греење.

Кои се решенијата?

Решението е промена на системите за греење, што не е сложено и може брзо да се направи. Ефикасно може да се елиминира и минералната прашина како фактор на загадувањето која доаѓа од градежништвото. Тоа се мерки кои веќе постојат и вклучуваат почесто миење на улиците, но и на гумите на возилата кои излегуваат од градилиште.

„Акциите се основа на сите успеси, што значи дека мора да почнеме да ги решаваме проблемите, посебно оние кои ги знаеме“, смета Мираковски.

Што велат надлежните?

Министерот за животна средина на Република Северна Македонија Изет Меџити пред неколку дена изјави дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки.

„Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина“, порача Меџити.

Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух.

Во земјава годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19% од вкупната смртност.

Од Институтот за јавно здравје потенцираат дека загадениот воздух има сериозен ефект врз здравјето, предизвикувајќи респираторни и кардиоваскуларни заболувања, а и зголемена смртност.

Особено се погодени деца, со ризик од намален коефициент на интелигенција и други долгорочни здравствени проблеми. Светската здравствена организација предупредува дека голем број луѓе на Балканот и Источна Европа дишат воздух што значително го надминува нивото на загадување.

TRT Balkan
Популарни