Јабланица 2024 година, Стајковци 2016, Шипковица 2015, Обреновац 2014. Ова се поплавите со најкатастрофални последици кои во последните десет годин иго зафатија регионот.
Десетиците жртви, огромната материјална штета и пустошот што го оставија зад себе опоменуваат дека нешто треба да се менува и дека некоја алка во системот не функционира.
Можно ли е ваквите катастрофи да се избегнат? Колкави се шансите поплавите со фатални последици од големи размери да станат минато? На овие прашања одговор побаравме од хидрологот Васко Стојов од Хидрометеоролошкиот завод во Скопје.
Поројните дождови и поплави се непредвидливи
Несоодветниот систем за заштита, неефикасноста на институциите, неисчистените речни корита и канали или ставањето на бизнис интересите во преден план за сметка на безбедноста можат да доведат до ситуација во која последиците би биле катастрофални.
Хидрологот Стојов истакнува дека најголем проблем е тоа што поројните дождови и поплави се непредвидливи. Настануваат во период од пет минути до шест часа и прават големи штети.
“Генерално користиме информации кои се поврзани со сливовите во Југоисточна Европа. Ни дава насоки врз база на слики, карти, информации за врнежи, прогностички модели. Врз база на тоа ние настојуваме да дадеме некоја реална информација за што може да не очекува во релативно краток временски период”, истакнува тој.
Според Стојов поројните поплави се генерално врзани за помали сливни подрачја каде голема количина на вода паѓа на релативно мал простор.
“Целата таа вода нема време да се впие во почвата и најбрзо истекува по падините и најчесто овие поројни поплави прават проблем на територијата каде имаме планински предели или ридести предели и водата излегува низводно по текот. Како што е примерот со Стајковци 2016, Шипковица 2015 па и сега во Јабланица случајот со поплавата која однесе најголем број човечки животи”, истакнува хидрологот.
Македонските хидролози без соодветен радарски систем
Во намалувањето на последиците од поплавите би бил од помош соодветен радарски систем кој македонските хидролози го немаат. И не можат навремено да делуваат во одредено подрачје. Овие радари би требало да бидат дел од евроопскиот радарски систем. Недостасува и стручен кадар.
“Овој радарски систем кој го имаме работи неколку часа во текот на денот. Во услови на поројни поплави во близина на радарот мора да се исклучи за да не се случи некој дефект на радарот. Затоа ни треба посовремен радарски систем кој би работел 365 дена во годината. На тој начин би можеле да добиваме информации од напред, пред време”, изјави Стојов.
Според него за разлика од поплавите во Стајковци или Јабланица каде поради одрони и наноси дојде до голема количина на вода која тешко се контролира, при поплавите со излевање на реките како во Србија 2014 може малку поефикасно да се делува поради побавното истекување на водите.