Северна Македонија и Албанија со години се заглавени во ЕУ чекалницата. Непознато е кога двете држави би ги започнале преговорите за членство во Европската унија, а уште понеизвесно е колку години би траеле преговорите. И покрај заложбите на челниците на унијата за проширување, сепак немањето консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија поради блокадата од Бугарија засега е пречка за евроинтегративниот пат на државата. Албанија е „колатерална штета” поради ставот на Брисел двете држави да не се одвојуваат на патот кон ЕУ.
Времетраењето на преговорите зависи од степенот на подготвеност во моментот кога стартуваат, способноста за прилагодување на домашното на европското законодавство како и од спроведување на неопходните реформи. Откако ќе завршат преговорите вообичаено следува референдум во земјата кандидат и процес на одобрување на зачленувањето во останатите земји членки.
Хрватска преговараше шест години
Хрватска е последната 28 членка на ЕУ. Државата и се приклучи на унијата во 2013 година, а преговорите започнаа во 2005. Траеја шест години до 2011 кога е потпишан договорот за пристапување во ЕУ. Следната 2012 во јануари во Хрватска беше одржан референдум за членство во унијата на кој 66 проценти од граѓаните се изјаснија дека државата треба да биде дел од Европската Унија. Речиси по една и пол година, откако останатите членки го ратификуваа договорот за пристапување, во јули 2013 земјата стана полноправна членка.
Четири години за преговорите на Бугарија и Романија
Процесот на пристапување на Бугарија и Романија во ЕУ започна во 2000 година и траеше до 2004. Тогаш двете земји го потпишаа Договорот за пристпаување. Сепак овие две држави не беа дел од историски најголемото проширување на унијата во 2004 кога и се приклучија десет други држави.
На Бугарија и Романија им беа оставени уште две дополнителни години за усогласување на законодавството во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата и криминалот. По завршувањето на овој процес како и во случајот со Хрватска следуваше една година за референдум и одобрување од постоечките членки. Затоа Бугарија и Романија пристапија на унијата во 2007 година.
Северна Македонија кандидат од 2005 година
Сееверна Македонија е со статус кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Во 2009 година земјата ја доби првата препорака за почеток на преговорите за членство. Европската комисија утврди дека земјата е подготвена. Сепак прво нерешениот проблем со Грција бепе пречка за старт на преговорите, а сега тоа се отворените прашања со Бугарија.
Албанија седум години чека старт на преговори
Советот на министри на ЕУ во 2014 година на Албанија и додели кандидатски статус. Шефовите на дипломатиите ја прифатија препораката на Европската комисија дека земјата е подготвена да ги почне преговорите. Албанија од ЕУ тогаш доби директни насоки за спроведување на реформи во јавната администрација, судствбото, борбата против организираниот криминал и корупција.
Велика Британија, Франција, Германија и Чешка првично се противеа на кандидатскиот статус. Ги предомислија полициските акции за уништување на нарко картелите и антимиграциската политика на Албанија.
Црна Гора преговара од 2012, Србија од 2014 година
Црна Гора од актуелните кандидати за членство е во најнапредна фаза. Таа ги има отворено сите поглавја во преговорите со Европската унија, а ги има затворено поглавјата 25-Наука и истражување, 26-Образование и култура и 30- Меѓународни односи.
Србија ги отвори преговорите две години подоцна во 2014. Пред неколку дена ЕУ со Србија ги отвори поглавјата 3- Конкурентност и раст и 4- Зелена агенда и одржлива поврзаност.
ЕУ не може да гарантира датум
Дополнително самата Европска Унија на сите држави од Западен Балкан оние кои веќе се во фаза на преговори и оние кои се уште не ги отвориле поглавјата за преговарање не може да им гарантира датум кога би станале дел од европското семејство. Иако на последниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ се споменуваше 2030, сепак ваквите најави не се остварија.