Колку електрични автомобили се возат во Балканот?      Фото: TRT Balkan

Електричните автомобили веќе не се непознати на Балканот. Нивното присуство во патниот сообраќај се зголемува од година во година. Во споредба со возилата што работат на дизел или бензин, електричните автомобили сочинуваат мал процент. Статистичките податоци покажуваат дека трендот на користење на овие автомобили низ Европа не ги заобиколи ниту главните градови ширум Балканот.

Емисиите на гасови од возилата се сметаат за еден од главните фактори за загадувањето на воздухот и општо животната средина. Така, електричните автомобили се сметаат за едно од решенијата за намалување на загадениот воздух во градовите со голема густина на населеност.

Северна Македонија: Производство на електрични автомобили во Тетово

Присуството на електрични возила не е толку изразено во Северна Македонија. Според податоците на Државната завод за статистика, во Северна Македонија постојат само 128 електрични возила. Некои од скопските општини со години воведуваат електрични автомобили во својот возен парк. Неодамна е најавено дека во градот Тетово ќе се произведуваат електрични атомобили. Инвестицијата вредна 130 милиони евра доаѓа во време кога Европа предупреди дека од 2035 година ќе престанат да продаваат автомобили со мотори на фосилни горива и фокусот целосно ќе биде ориентиран на електричните возила.

Хрватска лидер на Балканот

Во текот на 2021 година во Хрватска продажбата на електрични автомобили е зголемена за 150 отсто. Во моментов на патиштата во Хрватска има над 3.000 електрични автомобили. Официјалната статистика на Автомобилскиот центар во Хрватска покажува дека до крајот на 2021 година во оваа земја се регистрирани 3.054 електрични возила. Огромното мнозинство од овие автомобили се продадени во текот на 2021 година, поточно 1.436 нови електрични возила.

И покрај тоа што сопствениците на електрични автомобили ја имаат опремата за полнење во своите домови, во случај на потреба можат да ја користат и јавната инфрастуктура за електрично полнење на своите автомобили. Во Хрватска има 400 вакви станици, со околу илјада приклучоци. Познавачите на состојбите во врска со електричните автомобили велат дека оваа бројка на станици за полнење на електричните возила е доволна.

2024 година пресвртница за Србија

Низ улиците на Србија, каде од 2024 година, според најавите на властите, официјално ќе почне да се произведува електромобилот „Фиат панда“, се движат околу 4.000 електрични автомобили, меѓу кои и хибридни. Најголемата употреба на овие возила, за кои се вели дека го намалуваат загадувањето на воздухот и воопшто ја штитат животната средина, се предвидува да се случи по 2024 година, кога се очекува да биде произведен првиот електричен автомобил во градот Крагуевац.

Конкретни одлуки во Босна и Херцеговина

Бројот на електрични и хибридни автомобили увезени во Босна и Херцеговина минатата година бил поголем отколку во сите претходни години заедно, велат податоците на Управата за индиректни даноци на БиХ. Во првата половина од годинава во БиХ се увезени 22 електрични автомобили и 319 хибридни автомобили. Советот на министри на БиХ, на предлог на Министерството за надворешна трговија и економски односи, на крајот на јули ја одобри Одлуката за привремено суспендирање и привремено намалување на царинските такси за увоз на нови електрични и хибридни автомобили до 31 декември 2022 година.

„До крајот на годината со одлуката се укинува царинската такса за увоз на електрични автомобили во БиХ и значително се намалува царинската стапка за увоз на хибридни автомобили од 15 на 5 отсто“, се наведува во одлуката на Советот на министри.

Над 2 илјади „зелени автомобили“ во Албанија

Во првите четири месеци од годинава во Албанија се регистрирани 158 електромобили, покажуваат податоците на Генералната дирекција за транспортни услуги во патниот сообраќај. Вкупниот број на електрични и хибридни автомобили (електро-дизел или бензин) на патиштата во Албанија е над 2.000.

Е-мобилност во Црна Гора

Во Црна Гора се регистрирани нешто повеќе од 350 електрични автомобили. Анализите на граѓанскиот сектор во земјава велат дека Црна Гора се уште е во рана фаза на е-мобилност. Надминувањето на предизвиците во оваа сфера се смета дека ќе се направи преку зголемување на соработката меѓу граѓанскиот, државниот и деловниот сектор.

Полначи за електрични возила во Косово

Во поглед на е-мобилноста, не се разликуваат многу состојбите во Црна Гора и Косово. Познавачите на состојбите на пазарот на електрични автомобили во Косово велат дека немањето соодветна инфраструктура и непостоење на законска регулатива слична на онаа во ЕУ е отежнувачка околност. На одредени безнински пумпи во Косово можат да се сретнат полначи за електирчните возаила, а општина Приштина во соработка со „Приштина паркинг“ сервисот постави станици за полнење на вакви аввтомобили.

TRT Balkan
Популарни