Законите за породилно отсуство се разликуваат во регионот како во однос на времетраењето така и во однос на тоа кој може да го користи / Photo: ТРТ Балкан

Во најголем дел од земјите од Западен Балкан породилното отсуство трае 12 месеци и корисник во најголем дел од случаите се мајките.

На разни начини е предвидено породилно отсуство освен мајката да може да користи и таткото. Ваква измена неодамна е најавена и во Северна Македонија каде со измена на Законот за работни односи се предвидува четири месеци родителско отсуство за таткото. Измените на законот се во подготовка и наскоро може да се најдат на одлучување пред пратениците.

Таткото, според предложените измени, ќе може овие четири месеци да ги користи заедно со мајката, или по периодот предвиден за нејзино отсуство.

Измени има и во терминологијата, односно од деветте месеци за мајката првите пет се нарекуваат мајчинско, а потоа останатите четири се родителско отсуство. Кога станува збор за машкиот родител, тој има право на татковско отсуство од 15 дена за едно дете, а за близнаци и повеќе деца 20 дена веднаш по раѓањето на детето. Потоа следува и родителско отсуство за таткото од четири месеци.

Од Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија велат дека измените се заради изедначување на улогата на мајката и таткото односно мажот и жената во периодот на растење на детето. Според сегашната регулатива во Северна Македонија е предвидено породилно отсуство од девет месеци за еден од родителите. Во најголем број случаи породилното отсуство го користат мајките, но и татковците во одреден процент ги користат сите или дел од овие девет месеци.

Во продолжение следи преглед на регулативата во другите земји од регионот.

Најавено продолжување во Србија

Во Србија породилното отсуство за мајките или татковците во моментов изнесува 12 месеци за прво и второ дете. Во тек е јавна дебата за тоа да биде продолжено на 15 месеци за прво и 18 месеци за второ дете. За трето и четврто дете породилното отсуство во Србија е 24 месеци. Во Србија околу 300 татковци годишно користат породилно отсуство.

Една година во БиХ

Во Босна и Херцеговина породилното отсуство трае една година. Во тој период може да го користат и мајката и таткото во зависност од тоа како тие ќе одлучат. Мајката може да има и покусо породилно отсуство, но не пократко од 42 дена. Според последните истражувања во Босна и Херцеговина, 0,36 отсто од татковците користеле породилно отсуство.

12 месеци родителско отсуство во Црна Гора

Законот и во Црна Гора разликува породилно и родителско отсуство. Мајката мора да користи породилно отсуство од најмалку 98 дена од кои 28 дена пред и 70 дена по раѓањето на детето. Тие 70 дена може да ги користи било кој од родителите. Родителското отсуство кое исто така може да го користи било кој од родителите трае една година.

Дебата во Косово кој да го плаќа породилното

Косово и Албанија исто така спаѓаат во државите од регионот каде породилното отсуство трае 12 месеци. Во Косово во октомври минатата година се поттикна идејата за законски измени со кои и на татковците ќе им се овозможи да користат породилно отсуство, односно да искористат еден месец во првите шест месеци од породилното отсуство на мајката. Во Косово постои и дебата околу тоа дали државата во целост или заедно со работоодавачот треба да го плаќа породилното отсуство.

Таткото нема право на отсуство во Албанија

Во Албанија мајката има право на породилно отсуство една година. Тоа може да се прекине кога ќе изминат најмалку 42 дена од породилното отсуство. Според тамошната регулатива се исплаќа 80 отсто од платата во првите 150 дена од породилното отсуство и 50 отсто за останатиот дел од породилното отсуство. Во Албанија нема законска одредба со која му се овозможува на таткото да користи породилно отсуство иако за то постоеја иницијативи.

TRT Balkan
Популарни