Дел од земјите од Западен Балкан изминативе години биле меѓу водечките според бројот на сопственици на мало оружје / Photo: ТРТ Балкан

Убиството на осум ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград освен дебата за безбедноста во училиштата, влијанието на општеството, улогата на родителите и психолозите, ги наметна дилемите за тоа колкаво количество мало оружје се наоѓа во приватен посед, не само во Србија туку и во останатите држави од регионот.

Статистиките на светските релевантни организации покажуваат дека дел од земјите од Западен Балкан изминативе години биле меѓу водечките според бројот на сопственици на мало оружје и високо котираат според бројот на случаи со насилна смрт.

Црна Гора и Србија со најмногу оружје

Алармантни се податоците објавени во документот „Проценка за бројот на огнено оружје кое го поседуваат цивили” објавено од „Small arms survey“, меѓународна организација составена од експерти во делот на безбедноста, политичките науки, право, економија, развојни студии, социологија и криминологија.

Во ова истражување меѓу 25 држави со најголемо количество огнено оружје на 100 жители се наоѓаат пет држави од регионот на Западен Балкан.

Црна Гора и Србија се на трето и четврто место со коефициент 39,1 за поседување огнено оружје на 100 жители. Босна и Херцеговина е на единаесеттото место со коефициент 31,2, а Северна Македонија на тринаесеттото со коефициент 29,8. Косово се наоѓа на осумнаесеттото место со коефициент 23,8. На прво место на оваа листа се Соединетите Американски Држави со 120,5.

САД се на врвот и на листата за вкупен број на легални и нелегални парчиња огнено оружје кои ги поседуваат цивилите. Според овие бројки во САД се наоѓаат над 393 милиони парчиња огнено оружје.

Стапка на насилни смртни случаи

Истата организација прави и статистика за бројот на насилни смртни случаи на 100 000 жители. Според оваа статистика Северна Македонија е со коефициент 1,39 на 100 000 жители, Србија со коефициент 1,22 за насилна смрт на 100 000 жители, Црна Гора со коефициент 3,50, Босна и Херцеговина 3,22, Албанија 2,54, Косово 1,63.

Украина, Авганистан, Сирија, Венецуела, Мексико и голем број држави од Африка се меѓу оние со највисоки коефициенти.

ОН предупредува: Малото оружје подгрева тензии

На брзото ширење на малото оружје и загрозувањето на светскиот мир апелираат и Обединетите Нации. Ставот на ОН е дека акумулирањето на малото и лесно оружје може дополнително да ги подгрее тензиите во општества кои веќе страдаат од конфликти.

Во извештајот од Советот за безбедност објавен во Септември 2021 година се вели дека најмалку 176.095 цивилни жртви се регистрирани во 12 вооружени конфликти помеѓу 2015 и 2020 година. Повеќето цивилните жртви биле предизвикани од мало и лесно оружје 27 отсто или од тешко оружје и експлозивна муниција 24 проценти.

Во извештајот исто така е наведено дека според податоците добиени од државите преку програмата за акција за спречување, борба и искоренување на недозволена трговија со мало и лесно оружје во сите негови аспекти, национални власти биле собрани 758.000 нелегални парчиња мало и лесно оружје од 2016 до 2019 година.

TRT Balkan
Популарни