Приходите кои од патарини кои се слеваат во буџетите на претпријатијата задолжени за одржување на патиштата во регионот се мерат во милиони евра. Во некои земји наплатата ја вршат државните институции, а некаде тоа го прават приватни концесионери. Кај најголем дел од претпријатијата пари за одржување на патната мрежа доаѓаат и при регистрација на возилата или како дел од продажбата на акциски стоки.
Преку Отворен Балкан е планиран проект за воспоставување единствен уред за наплата на патарини во Србија, Албанија и Северна Македонија.
Во продолжение ги анализираме приходите од патарините во регионот во зависност од достапноста на извештаите на надлежните претпријатија и институции.
Над 20 милиони евра во Северна Македонија за шест месеци
Според последните извештаи на Јавното претпријатие за државни патишта во Северна Македонија, во првата половина од 2022 година биле наплатени 21,45 милиони ера. Од нив во вториот квартал биле наплатени 12 милиони евра, а во првиот квартал биле инкасирани 9,45 милиони евра.
Проценките се дека до крајот на годината наплатата ќе достигне 50 милиони евра.
Во Србија во 2021 наплатени 220 милиони евра
Последниот достапен извештај на Јавното претпријатие Патишта Србија е за 2021 година. Минатата година ова претпријатие остварило приходи од патарини над 26 милијарди динари или околу 220 милиони евра.
Од овие приходи, од домашни и странски моторни возила биле наплатени над девет милијарди динари односно повеќе од 76 милиони евра, додека од возилата со странски регистарски таблички биле наплатени нешто над три милијарди динари односно околу 26 милиони евра. Во Србија е најавено поскапување на патарините за девет отсто од први јануари 2023 година.
Раст на приходите во БиХ
Приходите од патарини во Босна и Херцеговина годинава веројатно ќе ги надминат оние од 2021 година. Според јавното претпријатие Автопати на Федерацијата БиХ во првите седум месеци од годинава биле наплатени 27,7 милиони конвертибилни марки односно 13.8 милиони евра. Минатата година приходите изнесувале 44.7 милиони конвертибилни марки односно 22,85 милиони евра. Во БиХ неодамна имаше намалување на цените на патарините за одредни категории возила.
Над седум милиони евра во Црна Гора
На интернет страницата на Јавното претпријатие „Монтепут” се наведени приходите од патарини во Црна Гора. Приходите на ова јавно претпријатие од патарини со неколку начини на плаќање изнесува 7,3 милиони евра. Тоа е за 1,7 милиони евра повеќе од 2020 година. Од приходот во 2021 година најголем дел или 6,3 милиони евра биле наплатени во готово, а околу 900.000 евра со картички.
Очекувањата на “Монтепут” се дека на новиот автопат Принцеза Ксенија дневно ќе се инкасираат по 25.000 до 30.000 евра од патарини.
Албанија со една патарина
Во Албанија има само една патарина на автопатот Милот - Морина. За патнички возила се наплаќа по пет евра во правец. Со патарините во Албанија не управува државно претпријатие туку управува „Кастрати груп” која е концесионер. Приходите на претпријатието од патарини за една година се зголемиле за 1,74 милијарди леки и изнесуваат 17 милијарди леки односно околу 146 милиони евра.