Две лица ранети во Штрпце во Косово / Photo: AA

Косовската полиција соопшти дека денеска во селото Драјковац, општина Штрпце, две лица се ранети од огнено оружје испукано од патничко возило во движење, а едно осомничено лице е уапсено.

Како што е соопштено, денеска околу 15:20 часот во полициската станица Штрпце било пријавено дека во село Драјковац „две лица - едното на возраст од околу 11, а другото на околу 31 година, од страна на непознато лице или повеќе непознати лица, повредени се со огнено оружје, кои се наоѓале во патничко возило во движење“.

„Возилото се движело од Штрпце во правец кон Феризај и потоа го напуштило местото на настанот. Двајца од повредените се испратени во Центарот за семејна медицина во Штрпац за укажување лекарска помош, а по прва помош во Штрпце биле испратени од Брза помош до Грачаница на понатамошно лекување. Двајцата повредени, според информациите со кои располагаме се надвор од животна опасност“, се вели во соопштението.

Од Полицијата на Косово наведоа дека регионалната полиција Феризај по интензивна истражна работа, собирање информации на терен, идентификуваше и потоа го уапси осомниченото лице А.К. на возраст од 33 години.

Полицијата на Косово додаде дека моментално патот кој води кон Штрпце е блокиран во двете насоки.

Реакции на Османи и Курти во врска со случајот во Штрпце

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во соопштение за медиумите во врска со случајот во Штрпце рече дека ранувањето на двајцата косовски државјани е неподнослив чин, „затоа сторителот мора да биде изведен пред лицето на правдата“.

„Институциите на Косово се максимално посветени на обезбедување безбедна и мирна средина за граѓаните без разлика на етничката припадност. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а во меѓувреме ги повикувам безбедносните органи во врска со случајот да постапат итно и во согласност со законот“, напиша Османи.

Премиерот на Косово Албин Курти најостро го осуди нападот врз двата државјани на Косово во Штрпце. Тој наведе дека е длабоко загрижен поради ранување на двајца млади државјани на Косово на возраст од 11 и 21 година, кои се надвор од животна опасност.

Курти им посака брзо опоравување. „Косовската полиција веќе го уапси осомничениот кој без сомнеж ќе се соочи со правосудните органи“, напиша Курти на својот официјален профил на социјалните мрежи.

Тој рече дека надлежните институции ќе ја продолжат истрагата додека не се разјаснат сите околности на овој неприфатлив чин.

„Сакам да ги уверам сите граѓани дека Косовската полиција е максимално ангажирана во извршување на своите должности со цел заштита на животите и имотите на сите без разлика“, порача премиерот Курти.

Реакции на меѓународната заедница

Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на Косово го осуди нападот врз двајца граѓани на Косово во Штрпце.

Во нивната реакција се поздравува брзата акција на косовската полиција при апсењето на осомниченото лице, при што се изразува верување дека надлежните ќе ги изведат сторителите пред лицето на правдата.

„Најостро го осудуваме пукањето во близина на Штрпце, во кое беа повредени две лица. Брзата акција на косовската полиција за апсење на наводен сторител е добредојдена и мора да биде проследена за да одговорните бидат изведени пред лицето на правдата“, се вели во реакцијата на ОБСЕ.

Во врска со случајот реагираше и комесарот за проширување и соседство на Европската унија, Оливер Вархеји, нагласувајќи дека е шокиран од нападот.

„Не може да има оправдување за било каков вид на насилство. Ви посакувам брзо закрепнување. Верувам дека ќе има целосна истрага од страна на косовските власти“, напиша Вархеји.

TRT Balkan / агенции
Популарни