Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник / Photo: AA

Владата на Косово вчера одобри прекин на режимот за ставање налепници на регистарски таблички од Србија.

“Отстранувањето на овој режим е чин на добрососедски односи и доаѓа по целосното признавање на табличките на Република Косово од страна на Србија“, соопшти Владата на Косово.

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник.

Од 1 јануари на територијата на Србија е овозможено слободно движење на возила со косовски регистерски таблички „РКС“ без покривање на државните таблички со бели налепници.

Одлуката, која беше донесена на 25 декември минатата година, е олеснување за граѓаните на Косово кои ја користат територијата на Србија како транзитна рута, па дури и како дестинација.

Косовскиот премиер Албин Курти во декември минатата година изјави дека одлуката на Владата на Србија да ги признае косовските регистарски таблички дојде по повеќе од една деценија неспроведување на договорот за слобода на движење и по две години користење налепници на регистарските таблички.

Примената на режимот на налепници за регистарски таблички, според договорот постигнат во Брисел меѓу Косово и Србија, започна на 4 октомври 2021 година. Според тој договор, на премините и од косовска и од српска страна, ознаките на државата биле покриени со бели налепници на регистарските таблички. Со тоа заврши претходниот режим на издавање пробни таблички, но заврши и тогашната блокада на патиштата од страна на локалните Срби од северот на Косово.

Според податоците на Владата на Косово, од 1 ноември до 14 декември минатата година, 3.405 граѓани ги смениле регистарските таблички во „РКС“, од кои најмногу во општините Северна Митровица и Лепосавиќ.

TRT Balkan / агенции
Популарни