Владите на С. Македонија и Косово на заедничка владина седница во Приштина потпишаа неколку договори за соработка / Photo: Влада на РСМ

Договори за енергетско партнерство, соработка во образованието и протокол за побрзо преминување на границата потпишаа владите на Северна Македонија и Косово на заедничка владина седница во Приштина.

„Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување на регионална стабилност и безбедност“, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Според него, двете влади договориле конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот.

„Исто така, посветивме внимание на образованието, културата и младите, со цел да го поттикнеме меѓусебното разбирање и да изградиме посилни врски помеѓу нашите народи. Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина.Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека се согласиле со неговиот колега Албин Кури дека Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност.

„Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, рече Мицкоски.

Промоција на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност, размена на експертиза и информации меѓу јавните претпријатија, развој на инфраструктурни проекти од заеднички интерес и истражување на можностите за размена на електрична енергија и ресурси, предвидува Меморандумот за соработка за енергетика.

Вториот договор е протокол за заеднички граничен премин каде ќе се намали времето на премин на граница и третиот е образованието и соработката во оваа област.

„Време е да разговараме за иднина, наместо за минато. Граѓаните имаат заеднички проблеми, затоа ќе носиме и заеднички решенија. Имаме заеднички вредности кои ги споделуваме и градиме отворени односи со соседите“, рече македонскиот премиер.

Курти ги истакна добрите односи меѓу Косово и Северна Македонија кои, според него, се рефлектираат во „континуираниот раст на трговијата“.

„Добрите односи меѓу нашите две земји се рефлектираат и во континуираниот пораст на трговската размена, која во 2023 година достигна над 432 милиони евра, што е извонреден пораст од 52 отсто во однос на 2019 година, каде што изнесуваше 284 милиони евра. Зголемена е и комерцијалната размена во смисла на извоз од Косово во Северна Македонија, од 44 милиони во првата година пред пандемијата 2019 година на 121 милион во последната 2023 година, што е зголемување за 175 отсто“, рече Курти.

Курти нагласи дека меѓу двете земји досега се потпишани над 50 договори и меморандуми кои „ни понудија уште повеќе меѓусебно, но она што треба повеќе да го нагласиме е нивното целосно и прецизно спроведување.

Курти го спомена и автопатот Блаце – Скопје.

„Го поздравуваме конечното завршување на изградбата на автопатот од Блаца до Скопје, преостанатите 10 километри кои би ја поврзале автопатската мрежа во МВ со автопатот Арбен Џафери на Косово и заедно се обврзуваме на имплементација на тунелот што ги поврзува Призрен со Тетово, оваа заложба веќе ја добија и другите две земји“, рече Курти.


TRT Balkan / агенции
Популарни