Косово и Србија постигнаа договор за енергетика     Фото: Ројтерс

На состанокот во Брисел, Косово и Србија постигнаа договор за енергетика, со кој е договорена наплатата на потрошената електрична енергија во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово.

Договорот, со посредство на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак, го постигнаа главните преговарачи на Приштина и Белград, Бесник Бислими и Петар Петковиќ.

„Со задоволство можам да соопштам дека Косово и Србија усвоија мапа на патот за примена на енергетските договори во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ. Ова е голем чекор напред“, напиша Лајчак на Твитер.

Со договорот е предвидено Регулаторниот кабинет за енергетика на Косово да издаде дозвола за снабдување со електрична енергија на општините на северот, на српската компанија Друштво Електросевер Д.О.О, која ќе работи во согласност со косовските закони.

Во случај на непочитување на одредени услови по 100 дена од издавањето на лиценцата, Регулаторното тело може да одлучи да ја суспендира или да ја одземе лиценцата на Електросевер, иако пред таквата одлука би требало да направи консултации со страните, со посредство на ЕУ, во рок од 15 дена.


За постигнување на договорот извести и потпретседателот на Владата на Косово задолжен за дијалогот Бесник Бислими.

„Конечно, одобривме мапа за имплементација на енергетските договори од 2013 и 2015 година. Ова овозможува фактурирање на електричната енергија во четири општини на Косово, во согласност со законите и регулаторниот систем на Косово“, објави Бислими на социјалната мрежа Твитер.

Граѓаните на општините на северот, Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, од завршување на војната во 1999 година не плаќаат сметки за потрошена електрична енергија.

Од 1999 до 2017 година долгот за струја за потрошувачите на северот на Косово го плаќаа граѓаните од општините јужно од реката Ибар, така што нивните сметки беа зголемени за 3,5 отсто.

Откако Уставниот суд на Косово во 2017 година донесе одлука дека таквиот начин на плаќање е незаконски, подмирувањето на сметките за северот го презеде врз себе Косовскиот оператор за системи на пренос и пазари на електрична енергија (KOSTT), односно Владата на Косово, а само во 2021 година трошоците изнесуваа околу 40 милиони евра.

AA
Популарни