Владата на Косово ќе го одложи почетокот на примената на мерката реципроцитет на српските документи од 1 август за 1 септември доколку се отстранат сите пречки на патиштата и се овозможи слобода на движење на северот на Косово.
Владата на Република Косово најостро го осудува блокирањето на патиштата на северот на Косово и пукањето на тамошни вооружени лица од илегалните структури
„Станува збор за тенденција за дестабилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на граѓаните и нашата земја. Попладнево и вечерва имаше бројни агресивни акти поттикнати и подготвени од официјален Белград“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Премиерот Албин Курти заедно со претседателката Вјоса Османи и вицепремиерите Бесник Бислими и Доника Гервала Шварц остварија контакти и состаноци со американски и европски меѓународни фактори.
„Во оваа прилика Владата на Косово се обврза да го одложи спроведувањето на две одлуки од 29 јуни 2022 година за 1 септември 2022 година, а од 1 август 2022 година ќе бидат отстранети сите барикади и ќе биде воспоставена целосна слобода на движење на сите патишта на северот на Косово“, се вели во соопштението на Владата на Косово.
„Им благодариме на меѓународните партнери, особено на американскиот амбасадор Џефри Ховенир, за нивното ангажирање и придонес“, се додава во соопштението.