Граѓанската активистка од Грачаница Невенка Рикало смета дека одлуката за забрана на динарот на Косово е кршење на човековите права на Србите / Photo: AA

Иако денеска стапи во сила указот на Централната банка на Косово, според кој еврото е единствена платежна валута, во Грачаница, која е оддалечена само неколку километри од Приштина, српскиот динар се уште е во оптек.

Продавач од Грачаница, кој не сакаше да биде пред камерата на Анадолу, рече дека до сега во српските заедници во Косово се користеле и евра и динари, но дека цените се во евра.

„Денес никој не дојде кај нас. Велат дека динарот уште важи, па ќе видиме колку ќе трае. Ако е можно, ќе работиме како досега со динари, а ако не, ќе работиме според новото“, вели продавачот.

Како што соопштија од Владата на Косово, засега нема да има казна, но граѓаните ќе бидат информирани во пократок преоден рок, кој не е прецизно определен.

Во Грачаница, најголемата општина со српско мнозинство во Косово, ситуацијата е мирна, но граѓаните се загрижени за приходите кои ги добиваат од Србија во динари.

Пензионерката Станица Трајковиќ вели дека покрај косовската старосна пензија, добива и пензија од Србија во динари и дека е многу загрижена поради ваквата состојба. Таа посочува дека граѓаните за забраната за динарот се информирале само преку медиумите.

„Никој ништо не ни кажува за тоа, само преку медиумите, никој не не информира што ќе се случи. Очекувам за краток период да се реши, бидејќи за десет дена треба да ја добиеме пензијата. Се надевам дека ќе се одлучи дали ќе добиеме во евра или во динари, но мислам дека нашиот динар е валиден“, вели Трајковиќ и додава дека оваа одлука е многу лоша за Србите во Косово, кои се навикнати да го користат динарот.

Граѓанската активистка од Грачаница Невенка Рикало смета дека одлуката за забрана на динарот на Косово е кршење на човековите права на Србите кои живеат на Косово. Рикало, која и самата зема пензија од Србија, истакнува дека нема секој да оди во Србија за да си ги подигне приходите во динари.

„Многу луѓе ќе бидат вознемирени, нервозни, па дури и ќе помислат да го напуштат Косово, бидејќи ако го ускратиме човековото право да добиваме пари, што сме го постигнале во текот на нашите животи, тоа ќе биде многу голема тешкотија. Што се однесува до политиката на Белград и Приштина, ние сакаме да го постигнеме она за што се договориле и што го потпишуваат двете страни, а не да правиме нешто без договор, без согласност на Европската унија и другите кои учествуваат во нашите преговори“. изјави Рикало за Анадолу.

Нејзината порака до политичарите е да се стават во позиција на обични луѓе, да почнат да размислуваат за заедниците и помалку да се занимаваат со политика, а повеќе со локални проблеми на населението.

Од крајот на војната во 1999 година, српскиот динар е во употреба на Косово во областите каде живее мнозинско српско население, кое добива плати, пензии, социјална помош или други видови на надоместоци од буџетот на Република Србија.

Досега динарот се исплаќаше преку нелиценцирани експозитури на Пошта Србија во Косово и преку Комерцијална банка, која од денеска веќе не работи со динари, откако неодамна ја купи НЛБ банка.

Првиот вицепремиер за евроинтеграции Бесник Бислими, вчера на прес-конференција изјави дека еврото било и останува единствената валута во Косово. Бислими додаде дека од денеска нема да може да се увезуваат и извезуваат пари без дозвола за транспорт на пари издадена од Централната банка на Косово. Тој понатаму посочи дека нема да има казна, туку граѓаните ќе бидат информирани во одреден преоден рок.

Бислими рече дека Централната банка на Косово треба да разговара со Централната банка на Србија за изнаоѓање механизам за транспарентен трансфер на финансиски средства.

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано во писмена изјава за медиумите изјави дека Европската унија е загрижена за последиците што одлуката на Централната банка на Косово може да ги има врз секојдневниот живот на Косово за Србите и другите заедници.

Иако регулативата на Централната банка на Косово има за цел да ја подобри транспарентноста на финансиските текови, да обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перење пари и фалсификување пари, Европската унија забележува дека регулативата ќе влијае и на финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија .

„Европската унија е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово поради отсуството на претходни консултации, особено поради нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледното отсуство на алтернативи во овој пат. Краткиот преоден период за имплементација на регулативата, во комбинација со недостигот од информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да им го искомплицира животот“, рече Стано.

Европската унија апелира до Косово да обезбеди доволно долг транзициски период и да најде решение за ова прашање преку преговори во рамките на дијалогот што го води ЕУ.

AA
Популарни