Косово: Убиен еден од напаѓачите во Бањска / Photo: AA

Полицијата на Косово денес соопшти дека е убиен еден од напаѓачите во селото Бањска во општина Звечан, во северниот дел на земјата, каде рано утринава е убиен еден припадник на полицијата, а двајца се ранети.

Полицијата соопшти дека ситуацијата во северниот дел на земјата и понатаму е тензична.

„Криминални групи одвреме навреме ги напаѓаат со огнено оружје полициските единици на теренот, кои и покрај нападите врз нив, ја продолжуваат својата посветеност на создавање безбедносен периметар, во интерес на смирување на ситуацијата, обезбедување на сигурноста и владеење на законот и редот во Косово“, се наведува во соопштението на полицијата.

Покрај тоа, во соопштението се наведува дека околу манастирот во Бањска се наоѓа „значителен број професионални напаѓачи, маскирани и униформирани во различни униформи, вооружени со тешко воено оружје, гранати, рачни фрлачи.“

„Полициските единици, во согласност со ситуацијата и опасноста што ја претставуваат спорадичните напади на криминалните групи, во самоодбрана и одбрана на граѓаните на тоа подрачје, принудени се да одговорат на нападите, и според досегашните информации, еден од напаѓачите е убиен“, наведуваат од полицијата.

Полицијата на Косово од безбедносни причини ги затвори граничните премини Јариње и Брњак, и ги повика сите граѓани да ги користат останатите гранични премини за сообраќај, притоа избегнувајќи го движењето на тоа подрачје.

„Продолжува соработката и координацијата на Полицијата на Косово со надлежните домашни и меѓународни институции, со цел одржување на мирот и јавната безбедност, како и изведување пред лицето на правдата на извршителите на континуираните напади врз полициските службеници. Во исто време ги повика напаѓачите да им се предадат на органите на редот“, се вели во соопштението на полицијата на Косово.

Курти: Во Бањска се наоѓаат околу 30 тешко вооружени лица

Косовскиот премиер Албин Курти по убиството на косовски полицаец изјави дека во селото Бањска, во општина Звечан на северот на Косово, моментално се наоѓаат повеќе од 30 тешко вооружени лица, кои дошле во Косово да војуваат.

По заседавањето на Советот за безбедност на Косово поради убиството на косовскиот полицаец Африм Буњаку на северот на земјата, премиерот Курти изјави дека нападите врз косовската полиција и понатаму траат.

„Има најмалку 30 тешко вооружени лица, професионални воени или полициски сили, кои се опколени од косовската полиција и кои ги повикувам да се предадат на нашите безбедносни власти. Тие продолжуваат да ја напаѓаат нашата полиција, откако го убија Африм Буњаку и го ранија Албан Рашити“, рече Курти.

На прес-конференцијата косовскиот премиер покажа неколку фотографии од селото Бањска, на кои, како што тврди, се наоѓаат лица кои не се вооружени цивили, ниту обични граѓани.

„Јасно е дека овие униформирани лица, кои ги има најмалку 30, иако на нивните униформи не се гледаат дистикнции и амблеми, претставуваат организирана формација која е дојдена да се бори во Косово. Ги повикува сите да им се предадат на косовските органи кои ги опколија во Бањска“, рече Курти.

TRT Balkan / агенции
Популарни