Во Звечан, општина на северот на Косово со мнозинско српско население, започна уште еден протест против присуството на специјалните сили на Полицијата на Косово.
Денеска се собраа голем број граѓани, жители на Звечан и блиската Северна Митровица. Граѓаните развиорија српско знаме долго 250 метри.
Поранешниот претседател на Собранието на Општина Звечан, Срѓан Милосављевиќ, ги повтори барањата косовските специјалци да се оддалечат, да не доаѓа новиот градоначалник и да се ослободат двете српски момчиња уапсени во понеделникот.
Војниците на КФОР се во состојба на готовност и со кордон го обезбедуваат пристапот до општинската зграда. Зад металната ограда денеска е поставена и бодликава жица.
Припадниците на специјалните единици на Полицијата на Косово се во зградата на општината од петокот, кога му помогнаа на новоизбраниот градоначалник да влезе во општината. Тој ден дојде до судири меѓу српските демонстранти со косовските полицајци при обидот да го спречат градоначалникот да влезе во општината.
Српските демонстранти потоа во понеделникот се судрија и со КФОР, кога беа повредени 30 меѓународни војници и десетици демонстранти. До тој судир дојде затоа што демонстрантите не сакаа да ги пуштат блиндираните возила на полицијата да се повлечат зад кордонот војници на КФОР.
Тогаш дојде до насилство во кое демонстрантите кон војниците фрлаа Молотови коктели, шок-бомби, но и употребија и огнено оружје. Насилството го осудија косовските власти, НАТО, САД и ЕУ.
Протест денеска се одржува и во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, каде КФОР исто така ги обезбедува општинските згради.