Косовскиот премиер Албин Курти денеска го посети почетокот на градежните работи на патот Призрен-Тетово, од косовска страна, кој преку Шар Планина ќе ги поврзува Косово и Северна Македонија.
Проектот за изградба на овој пат од косовска страна опфаќа еден пат на излезот од автопатот „Ибрахим Ругова“ и друг пат кај селото Струже, кои се во вредност од околу 16 милиони евра, додека вредноста на изградбата на целиот пат долг 20,3 километри се очекува да биде 35 милиони евра.
Премиерот Курти рече дека проектот за патот Призрен - Тетово е од исклучително инфраструктурно значење, бидејќи ги поврзува овие два града, ги поврзува Косово и Северна Македонија, со особено значење за граѓаните и економијата.
Курти, исто така, рече дека тоа е витален дел од патот за Албанците од двете страни на Шар Планина.
„Нашата намера е да дадеме максимална поддршка на оваа патна делница, на овој инфраструктурен проект, за да заврши што поскоро затоа што се изгуби многу време Призрен и Тетово толку долго да се одвоени“, рече Курти.
Косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу рече дека овој проект освен што го поврзува автопатот „Ибрахим Ругова“ со Јонско-јадранскиот коридор и од другата страна со Тетово, односно Коридорот 8, служи и за планински туризам од двете страни и придонесува за економскиот развој на двете земји.
Во јануари годинава, владите на Косово и Северна Македонија потпишаа договор за кофинансирање на изградбата на патот Призрен - Тетово. По физибилити студијата беше избрана траса која вклучува и тунел долг 6,4 километри.