Косовската полиција соопшти дека безбедносната ситуација на северот на Косово и денес е непроменета со „присутни барикади на патиштата кои ги поставија криминалните групи“ и дека и понатаму за движење на луѓето и стоката се затворени Јариње и Брњак, два гранични премини на северот на Косово.
Од Косовската полиција наведуваат дека и покрај пријавените кривични дела и напади врз косовскиот безбедносен персонал, меѓународен перснал за следење и врз медиумите, полицијата продолжува да биде будна и посветена на највисоко ниво и морал во извршување на уставните и законските должности, во интерес на општа безбедност.
„Косовската полиција, во рамките на перативните проценки и планирања, презема навремени безбедносни мерки, неопходна поддршка и логистички мерки, вклучувајќи облека и храна за својот дежурен персонал. Како што истакнавме претходно, косовската полиција ќе продолжи да се залага за безбедноста на сите граѓани без разлика, изведување на осомничените пред правосудните органи, како и за зачувување на уставниот поредок на Република Косово“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека Косовската полиција својата работа ја основа на професионализмот, одговорноста и интегритетот „во рамките на кои се осигурува безбедноста и ги третира сите граѓани без разлика, оттаму, и постојаните шпекулации на медиумите, воглавно српските, дека наводно полицајците на северот на Косово имаат лошо, грубо и нељубезно однесување кон српската заедница, се невистинити.“
Локалните Срби, меѓу кои беа и маскирани лица, на 10 декември, поставија барикади на магистралните патишта кај Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток поради апсење на Дејан Пантиќ, поранешниот припадник на Косовската полиција, кој е осомничен за вмешаност во организирање на нападите врз службениците на Централната изборна комисија и Косовската полиција минатата недела. На Пантиќ вчера му е одреден судски едномесечен притвор.