Првиот вицепремиер за европски интеграции и дијалог на Косово, Бесник Бислими, го осуди вчерашниот обид на Србија да испрати на Косово комбе полно со динари, што беше вратено од граничниот премин Јариње.
Косовската полиција и царина на граничниот премин Јариње, на северниот дел на Косово, запреа и вратија во Србија комбе со српски динари поради тоа што немаше дозвола од Централната банка на Косово.
Бислими најави дека според Регулативата на ЦБК, што стапи на сила на 1 февруари, увоз на валути можат да вршат само банкарски и небанкарски финансиски институции лиценцирани од Централната банка на Косово.
„Како одговор на тоа, денеска еквивалентната Банка на Србија, ден пред свиканата седница на Советот за безбедност , испрати камион со пари со 117.000.000 динари на границата, придружуван од лица кои се претставија со акредитиви од непостоечка компанија, тврдејќи дека сакале да ги испратат парите на непостоечки субјект на Косово во корист на корисници чии имиња ниту ги знаат ниту ги имаат“, наведе Бислими вчера во објавата на социјалните мрежи.
Тој оцени дека ваквата пратка, без никаква координација, претставува едностран чекор на Србија, со цел флагрантно да ја наруши функционалноста на косовските институции и вештачки да создаде тензии.
Според неговите зборови, тоа заслужува жестоко да биде осудено од сите кои се противат на едностраните чекори. Тој нагласи дека Косово е подготвено да работи и да помогне во изнаоѓање механизам кој гарантира дека таквите средства ќе бидат испратени до крајните корисници на легален начин и во најбрз можен рок.
Народната банка на Србија соопшти дека нивното возило со средства во динари, кое било испратено во нивниот трезор во Лепосавиќ, било вратено од граница без никакво објаснување.
„Возилото со парични средства во динари, во согласност со досегашната вообичаена практика, било испратено на преминот Јариње, каде парите за понатамошен транспорт требало да ги подигне возилото на компанијата „Хендерсон“, која има дозвола од косовските институции за превоз на пари, но истата е вратена без никакво образложение“, соопшти Народната банка на Србија.
Српскиот динар е во употреба на Косово од крајот на војната во 1999 година во областите каде што живее мнозинско српско население, кое добива плати, пензии, социјална помош или други видови надоместоци од буџетот на Република Србија. Досега динарот се исплаќаше преку финансиски институции кои немаат дозвола од Централната банка на Косово.
Земјите од групата „Квинта“ и ЕУ бараат Косово да ја одложи примената на Регулативата на ЦБК со која се дозволува само користење на евра при платежни трансакции во Косово и со тоа се забранува користење на српскиот динар, додека не се најде алтернативно решение.