Претседателот на Парламентот на Косово, Глаук Коњуфца, престојува во официјална посета во Скопје, при што беше примен од претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.
Џафери и Коњуфца заедно со делегациите остварија билатерална средба, а потоа се одржа и заедничка прес-конференција на двајцата собраниски спикери.
Во својот говор, Џафери рече дека неговиот колега Коњуфца е во возвратна посета на Северна Македонија по неговата посета во Приштина во месец март.
Тој ја поздрави соработката помеѓу собранијата на двете земји, нагласувајќи дека се формирани парламентарни групи за пријателство.
Џафери: Поддршка за дијалогот Приштина - Белград
Џафери истакна дека двете земји споделуваат исти стратешки цели, коментирајќи го и дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Во однос на дијалогот Приштина - Белград, нашиот став е ист како и претходно, целосна поддршка до постигнување на конечен договор, прифатлив за двете страни, договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на целиот регион“, рече Џафери.
Од друга страна, Коњуфца рече дека средбата со Џафери поминала во пријателска атмосфера, додавајќи дека односите меѓу двете земји се адекватен пример за добрососедство.
Коњуфца: Акциите на Србија се неприфатливи
Тој, исто така, рече дека двете земји споделуваат заеднички геополитички цели, нагласувајќи дека она кон што цели Северна Македонија, кон тоа цели и Косово. Исто така, тој рече дека двете земји имаат ист став во однос на војната во Украина, осудувајќи ја неправедната и неиспровоцираната агресија на Руската Федерација.
„Ниту нашиот регион не е целосно имун на влијанијата од Русија. Тоа се гледа особено во овие акции во последните неколку дена што ги гледаме од страна на Србија на Косово. Овие акции на Србија се неприфатливи, тие се насочени кон дестабилизација на Косово. и де факто поделба на државата Косово“, рече Коњуфца.
Тој истакна дека Косово е определено за дијалог, сака да има добри односи со Србија, нагласувајќи дека е јасно оти нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија како предуслов го има прашањето за признавање на Косово како независна држава.
Претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, одговарајќи на новинарски прашања изјави дека целта на Србија преку поддршката на „криминалните групи“ на северот на Косово е дестабилизација не само на Косово, туку и на целиот регион.
Коњуфца го коментираше и француско-германскиот предлог за решавање на спорот меѓу Косово и Србија. Тој рече дека во септември претставниците на ЕУ им доставиле на Косово и Србија план, кој според него, го има значењето на последното поглавје за постигнување договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
„Основата на овој план е де факто признавањето на Косово од Србија. Исто така, овие неодамнешни акции што ги презема Србија ги гледам како поврзани со овие политички процеси, бидејќи целта на овие акции што ги гледаме е да се спречи отворањето на ова последно поглавје“, рече Коњуфца.
По средбата со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Џафери, Коњуфца се состана и со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.