Владите на Северна Македонија и Албанија во СКопје ја одржаа втората меѓувладина конференција     Фото: МИА

Енергетиката и евроинтеграциите беа меѓу централните теми на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Албанија денеска во Скопје. Министрите од двете влади потпишаа повеќе меморандуми за заедничка соработка. Меѓу најзначајните е оној во делот на енергетиката според кој е предвидено Северна Македонија и Албанија во иднина да изградат заедничка инфраструктура за гас и обновливи извори на енергија.

„Со ова, создадовме рамка за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, коишто главно се однесуваат на инфраструктурата за природен гас и за обновливите енергии. Ние денес, но и во идниот период имаме уникатна можност да ја придвижиме енергетската трансформација”, рече македонскиот премиер Ковачевски на прес-конференцијата по заедничката владина седница.

Рама: Северна Македонија и Албанија здружени во болка

Запрашан дали доколку Северна Македонија не ги усвои уставните измени, Албанија сама ќе го продолжи европскиот пат, премиерот на Албанија Еди Рама на прес конференцијата рече дека не очекува Северна Македонија да се врати во минатото и да се изолира.

„За мене ќе биде фатално доколку има враќање назад. Тоа што е минато, е минато. Судбината беше да се здружат во болка во долг период. За вас беше многу потешко, но и за нас не беше лесен пат”, истакна Рама.

Тој смета дека уставните измени не треба да бидат причина за поделби во општеството.

„Ние во Албанија имаме поинаков уставен модел, но во парламентот препознавме значителен број малцинства, вклучително и бугарското малцинство и не изгледа дека ни се заканува некое малцинство. Малцинствата се значајно богатство во критичните моменти и во наш интерес е тие да се чувствуваат подобро во нашата земја ”, рече премиерот на Албанија.

Ковачевски: Уставните измени неопходни за продолжување на европскиот пат

Премиерот на Северна Македонија истакна дека пратениците во македонското Собрание имаат обврска пред граѓаните да обезбедат иднина која носи членство во ЕУ. Тежок според Ковачевски е патот на менување на општеството кон подобро.

„Ама на крајот на секој тежок пат е големата награда, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ. Големата награда е да имаме горди Македонци и сите граѓани на оваа држава со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет да бидат членови и жители на ЕУ”, рече Ковачевски.

Во Северна Македонија ќе бидат вратени 20 икони

Според еден од документите кои го потпишаа министерките за култура по завршената кривична постапка во Албанија, ќе започне постапка за физичко враќање во Северна Македонија на 20 икони кои по незаконски пат биле изнесени од земјата. Денеска министерката за култура на Албанија Елва Маргариити на нејзината колешка од македонската влада Бисера Костадиновска-Стојчевска симболично и врати една икона.

Северна Македонија и Албанија меѓу другото потпишаа меморандуми и во делот на јавните финансии и процесот на пристапување кон ЕУ, за патна поврзаност, за заштита на претпријатијата, интеграцијата во ЕУ, заедничка гранична проверка, соработка во областа на културата, дипломатска обука, соработка во областа на одбраната.




TRT Balkan / агенции
Популарни