Владата на Северна Македонија го одобри новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра со кои ќе им помогне на граѓаните во справување со економско енергетската криза.
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, презентирајќи го новиот пакет антикризни мерки, истакна дека „никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците.“
„Субвенционираме 80% од струјата за 661.000 домаќинство и 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат речиси 98% од работниците во Северна Македонија, над 330.000 пензионери ќе добијат повисоки пензии согласно новата методологија, 6.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои земаат до 11.525 денари пензија, 3.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат и пензионерите кои земаат од 11.526 денари до 14.000 денари пензија“, информираше Ковачевски.
Помош за најранливите категории
Некои од антикризните мерки се и 3.000 денари еднократна помош за 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, 3.000 денари месечно во наредни 4 месеци ќе се исплатат на речиси 42.000 лица од ранливи категории.
Ќе бидат субвенционирани платите. Ковачевски истакна дека Владата се грижи за работниците и најзагрозените во услови на една од најтешките економски и енергетски кризи.
Над 360 основни и над 100 средни училишта ќе бидат на регулиран пазар за струја, за да може образовниот процес да тече непречено. Болниците и мерните станици за водни пумпи ќе купуваат евтина струја од ЕСМ.
Евтини кредитни линии за стопанството
Меѓу другото, Ковачевски рече дека се предвидени повеќе евтини кредитни линии за стопанството за одржување на ликвидноста, како и дека се обезбедени средствата за поврат на ДДВ и пред законскиот рок од 30 дена за да има зголемена ликвидност.
Како дел од антикризниот пакет мерки на Владата, предвидени се и субвенции во земјоделството за обезбедување храна, зголемување на приноси, стимулирање продуктивност, поголема конкурентност.
Зголемена инфлација
Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во Северна Македонија во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7, а цените на мало за 14,7 проценти.
Претставниците на бизнис заедницата во земјата во неколку наврати нагласија дека доколку продолжи енергетската криза и стопанството не ја добие потребната помош и поддршка од Владата, ќе следи намалување на бројот на вработени од 30 до 50 проценти.