Косовскиот премиер Албин Курти повторно побара западниот и демократскиот свет да изврши поголем притисок врз Србија за да се изведат пред лицето на правдата одговорните за терористичкиот напад во Бањска, на северот на Косово. На почеткот на седницата на Владата, Курти потсети дека се навршиле 11 месеци од нападот во Бањска во кој е убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку, а „Србија уште не одговарала за овој напад и продолжува да не го предава својот главен злосторник Милан Радојчиќ на косовските власти“.
„Дури и за време на мојот престој во САД, на билатерални средби со американски сенатори и конгресмени, на маргините на Демократската конвенција, побарав поголем притисок од западниот и демократскиот свет, да се изведе пред лицето на правдата, против терористичките и дестабилизирачки дејствија на официјален Белград и одговорни лица“, изјави Курти.
Полицискиот наредник Буњаку беше убиен во напад на вооружена група Срби на 24 септември 2023 година во Бањска, кај Звечан, а тројца напаѓачи загинаа и во размената на оган.
Курти потсети дека по неговата неколкудневна посета на САД минатата недела, во Косово беа шефот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс и командантот на командата на Комбинираните сили на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Мунш.
„Нивната поддршка е непоколеблива, нивната соработка е широка и моќна, а заедничките напори се сериозни и продуктивни, во служба на мирот и безбедноста“, рече Курти.
Тој најави и дека утре во посета доаѓа Томас Гофус, помошник генерален секретар за операции на НАТО, а следната недела ќе бидат и министрите за надворешни работи на две земји членки на НАТО.
Курти рече дека на сите овие средби ги спроведува потребните консултации за прашањето за отворање на главниот мост на реката Ибар во Митровица, додека се чека конечниот извештај за физичката стабилност на мостот и за уредување на изгледот на мостот и неговата околина. Тој изјави дека отворањето на мостот претставува слобода на движење, што е основно право и во Република Косово и во Европската Унија.
Најавата на косовската Влада дека ќе го отвори главниот мост на Ибар за сообраќај на возила, се противат на земјите од Квинтата, ЕУ и НАТО бидејќи сметаат дека во овој момент таквиот потег може да предизвика безбедносни проблеми и да ги доведе војниците и цивилите на КФОР во опасност. Тие бараат отворањето на мостот да се разговара во Брисел како дел од дијалогот Косово-Србија.
Главниот мост во Митровица е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и може да се помине само пеш. Во Митровица има уште два моста кои ги поврзуваат јужниот мнозински албански и северниот мнозински српски дел од градот, кои се отворени за сообраќај.