Курти дозволи одложување на изрекувањето казни за табличките за 48 часа / Photo: AA

Косовскиот премиер Албин Курти го прифати барањето на амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Косово, Џеф Ховениер, за 48-часовно одложување на изрекувањето на казни за сопствениците на возила кои не се пререгистрирани со таблички на РКС (Република Косово).

Курти доцна синоќа на Твитер објави дека му се заблагодарува на амбасадорот Ховениер за неговата посветеност и ангажирање.

„Го прифаќам неговото барање за 48-часовно одложување на изрекувањето казни за нелегалните „КМ“ (и други) автомобилски таблички. Среќен сум што ќе работам со САД и ЕУ на изнаоѓањето решение во наредните два дена“, наведе Курти.

Претходно, амбасадорот Ховениер, исто така на Твитер, напиша дека САД се загрижени што лидерите на Косово и Србија во Брисел не успеаја да постигнат договор.

„Соединетите Американски Држави (САД) се загрижени што лидерите на Косово и Србија денеска не беа во можност да постигнат договор за решение за актуелната криза во Косово. Побаравме од Владата на Косово да го одложи воведувањето на казни за 48 часа за ЕУ и САД да овозможат дополнително ангажирање на страните за изнаоѓање решение“, наведе амбасадорот.

Полицијата на Косово требаше утринава од 8 часот да почне со санкционирање со парична казна од 150 евра на сите сопственици на возила кои возат со таблички со ознаките на косовските градови, издадени од МУП на Србија, кои за Косово се нелегални. Вакви таблички се толерираа само на северот на Косово и ги има околу 9.000.

На итниот состанок одржан вчера во Брисел, косовскиот премиер, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не постигнаа договор за табличките.

Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел, кој посредуваше на состанокот, изјави дека двајцата лидери сносат целосна одговорност за неуспехот на преговорите и за секоја ескалација и насилство до кои може да дојде на терен. При тоа рече дека ЕУ изнела предлог кој Вучиќ го прифатил, а Курти не.

Тој истакна дека очекува Косово веднаш да ја прекине следната фаза на казнување за регистарските таблички, која сака да ја започне на 22 ноември, а Србија да го прекине издавањето на регистарски таблички со ознаки на косовските градови, кои Приштина го смета за незаконско.

Курти потоа изјави дека за Косово не бил прифатлив предлогот на ЕУ за решението за таблиците, затоа што не е проследен со договор за конечниот договор меѓу Косово и Србија да се постигне до март следната година, според претходниот предлог на ЕУ.

Поради одлуката на Владата на Косово да ги санкционира сопствениците на возила кои не се пререгистрирани со таблички на РКС, претставниците на косовските Срби ги напуштија косовските институции.

TRT Balkan / агенции
Популарни