Премиерот на Косово, Албин Курти, на почетокот на седницата на Владата на Косово говореше за постигнатата согласност со Европската Унија (ЕУ) за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Курти рече дека целта на состанокот меѓу заменик-премиерот на Косово, Бесник Бислими, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, одржана во понеделникот во Братислава, е да се создадат предуслови за јакнење на фокусот на целосна и безусловна примена на Основниот договор постигнат во Брисел на 27 февруари и Анексот на тој Договор усогласен во Охрид на 18 март годинава.
„Постојано истакнував дека за успех на имплементацијата на Основниот договор, прво, потребно е двете страни јавно да признаат дека Договорот е правно обврзувачки бидејќи на српска страна тоа сѐ уште не се случило. Второ, дали Договорот треба да се спроведе целосно, што на едната страна веројатно сè уште не ѝ е јасно. Трето, примената на членовите од Договорот не може да се условува. И, четврто, двете страни треба да имаат можност да преговараат од рамноправни позиции, што беше загрозено од воведувањето привремени мерки против Косово од страна на Европската Унија“, нагласи Курти.
Премиерот истакна дека според усогласениот Договор, Владата на Косово јавно искажува подготвеност да придонесе за деескалација на ситуацијата и непреземање дејства што би можеле да ја ескалираат ситуацијата на северот на земјата.
„Тоа подразбира моментно намалување на една четвртина од присуството на полицијата што се наоѓа во општинските згради или во нивна близина. Значи, 25 отсто од полицајците ќе бидат распоредени на други места во истите општини и ќе продолжат со своите задачи каде што има поголема потреба од нив, со оглед на тоа што во последните две недели ситуацијата околу општинските згради е многу помирна“, нагласи Курти.
Како што истакна, косовската полиција во зависност од околностите, заедно со ЕУЛЕКС и КФОР, ќе ја процени безбедносната ситуација, со цел дополнително намалување на присуството на полицијата во и околу општинските згради.
Тој рече дека според постигнатата согласност, Владата на Косово со јавно соопштение ќе го поддржи одржувањето предвремени избори во тие општини по завршувањето на летната сезона, во целосна согласност со законската рамка.
„За нас како Влада на Косово отсекогаш било и продолжува да биде важно граѓаните на Републиката, каде и да се, без разлика, да имаат локални претставници што правилно ги претставуваат. Но за да се постигне тоа, потребно е да се создаде амбиент што овозможува вистинска кампања, политички плурализам, учество на локалните заедници и кој гарантира неприкосновеност на гласањето. Во тој контекст, треба да се толкува значењето што нашата Влада му го придава на владеењето на правото во секој дел од земјата. Не може да правиме компромиси со владеењето на правото бидејќи тоа сериозно би ја нарушило демократијата“, оцени Курти.
Последната точка од Договорот во Братислава се однесува на повикот што Европската Унија ќе го упати до двајцата главни преговарачи да дојдат во Брисел, со цел да се финализира планот за редоследот, односно табелата за имплементација на Договорот на патот кон нормализирање на односите. По финализирањето на тој план веднаш ќе започне примената на сите членови од Договорот. Споменатите дејства ќе бидат завршени во рок од две недели.
Претходно, на крајот на јуни, Европската Унија воведе привремени казнени мерки кон Косово бидејќи косовските власти не ги исполнија барањата во врска со деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово.
ЕУ од Владата на Косово побара да ги повлече специјалните сили на Косовската полиција и новоизбраните градоначалници Албанци од општинските згради во четирите општини на северот на Косово и да распише нови избори на кои би учествувала српската заедница која ги бојкотираше априлските локални избори.