Курти и Ескобар разговараа за утрешниот состанок во Охрид / Photo: AA

Премиерот на Косово Албин Курти, ден во пресрет на политичкиот состанок на високо ниво во рамките на дијалогот на Косово и Србија кој ќе биде одржан во Охрид, се состана со специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Како што е соопштено од Владата на Косово, разговарано е за состанокот во Охрид во Северна Македонија, во рамките на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија врз основа на европскиот предлог, како и за подготовките и очекувањата од тој состанок.

Курти му се заблагодари на Ескобар на посветеноста и придонесот кон дијалогот. „Европскиот предлог е позитивно оценет и прифатен од страна на Косово како добра основа и цврста платформа за напредување кон полна нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, со заемно признаевање во фокусот. Посветена, конструктивна и креативна, делегација на косовската влада патува во Охрид со добра волја, добри намери и добра верба“, наведе Курти.

Специјалниот претставник Ескобар претходно по состанокот со претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека очекува добри вести по средбата на премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ во сабота во Охрид.

Ескобар, кој во Охрид ќе биде набљудувач, рече дека САД намеруваат во потполност да поддржат секој исход кој го приближува мирот во регионот и ја зајакнува можноста Косово и Србија и остатокот на регионот да станат полноправни членови на европската заедница. Ескобар вчера се состана и со претставниците на косовските опозициски партии.

Американскиот дипломат во Косово дојде од Белград, каде се состана со претседателот на Србија Александар Вучиќ и претставниците на тамошната опозиција.

TRT Balkan / агенции
Популарни