Курти на владината седница на Владата на Косово рече дека до утрово се издадени 1.012 опомени, како и дека не се забележани инциденти ниту дека имало регистрирани жалби.     Фото: Албин Курти/Фејсбук / Photo: Albin Kurti/Facebook

Премиерот на Косово Албин Курти изјави дека немало инциденти при изрекувањето опомени на сопствениците на возилата кои не се пререгистрирани на РКС таблици, но дека проблем претставуваат бомбашките напади, палењата на автомобили и куќи, од страна на бандите на северот на Косово.

Курти во воведното излагање на почетокот на владината седница на Владата на Косово рече дека до утрово се издадени 1.012 опомени, како и дека не се забележани инциденти ниту дека имало регистрирани жалби.

Истакна дека на сопствениците на возилата им се проблем „бомбашките напади, палењата на автомобилите и куќите, притисоците и бескрајните закани на оние кои имаат проблем со законот“.

„Владеењето на правото не е избор, туку обврска, а нејзиното отсуство е уништување на сѐ. Многумина наши граѓани се соочуваат со овие промени во четири општини на северот на нашата земја. Притисоците и нападите врз нив од страна на бандите и криминалните поединци се единствен доказ што недостатокот на владеењето на правото произведува. Нивен проблем не се нашите одлуки, ниту роковите кои во нив се предвидени“, нагласи Курти.

Премиерот рече дека на оние кои налагаат напуштање на институциите на Република Косово ја попречуваат законитоста и уставноста, борбата против криминалот и корупцијата во Косово.

„Ние сме одговорна Влада, за се, против криминалците, посветени на развојот, интеграцијата, еднаквоста за сите, почитување на човековите и малцинските права и служење на граѓаните без разлика и дискриминација“, рече Курти и додаде дека Косово е демократска држава на слободен народ, која е посветен сојузник на мирот и посветен партнер на своите пријатели.

Косовскиот премиер уште еднаш повика да не се бојкотираат и напуштаат институциите, при што се заблагодари на сограѓаните на српската националност на покажаната зрелост во чувањето на мирот и безбедноста.

Иако САД и ЕУ упатија барање за продолжување на рокот за примена на новиот режим на регистарските таблици на 10 месеци, поради постоење на опасноста од ескалација на безбедносната ситуација на северот на Косово, Владата на Косово од 1 ноември почна со примена на својата одлука.

Одлуката се однесува на постепено санкционирање на сопствениците на возилата кои не ги пререгистрирале таблиците со ознаки на косовските градови кои ги издава МВР на Србија на РКС таблици.

Првата фаза предвидува изрекување опомена или укор, додека во текот на втората фаза која ќе трае од 21 ноември до 21 јануари ќе следува казнување во вредност од 150 евра.

Според одлуката на Владата на Косово, во текот на втората фаза, која ќе трае од 21 ноември до 21 јануари, ќе следува казнување во вредност од 150 евра. Потоа од 21 јануари до 21 април ќе следува фазата на издавање на пробни таблици, додека по 21 април возилата со српски илегални таблици нема да може да учествуваат во сообраќајот. Пререгистрацијата на легалните РКС таблици, со финансиските погодности е можна до 31 март.

Меѓутоа, полицајците од српската заедница на северот на Косово одбија да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнување на граѓаните, а потоа следуваше и нивно излегување од косовските институции на 5 ноември. Сите претставници на Србите на северот на Косово се повлекоа од косовското Собрание и Владата, како и од сите институции на северот на Косово.

Од Српска листа изјавија дека нивната одлука останува на сила се додека Приштина не ги повлече „едностраните и неправедните одлуки“ за пререгистрација на таблиците и додека не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот договор од Брисел.

TRT Balkan / агенции
Популарни