Курти: Од Србија бараме итно ослободување на тројцата полицајци / Photo: AA

Косово бара итно ослободување на тројцата косовски полицајци што вчера беа киднапирани од српските сили во близина на границата со Србија, на северот на Косово, изјавија косовскиот премиер Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џелал Свечла по состанокот на Националниот совет за безбедност.

Курти на прес-конференцијата повтори дека тројцата косовски полицајци се киднапирани на територијата на Косово, а не како што тврди Белград дека се уапсени на територијата на Србија. Тој истакна дека на терен вчера биле и полицијата и КФОР и дека е изненаден што од КФОР сѐ уште нема официјално соопштение. Курти покажа фотографии од мапата каде што се киднапирани полицајците како доказ дека киднапирањето се случило на територијата на Косово.

„На местото на инцидентот беа КФОР, Полицијата на Косово, а откриени се и отпечатоци од непознати чизми во правец на Србија, а пронајдени се и пластични лисици. Па, како е можно да тврдат дека полицајците се уапсени во Србија кога нивните пластични лисици се токму на ова место“, нагласи Курти.

Премиерот рече дека не е изненаден од постапките на Србија, но дека е изненаден од толеранцијата и молкот на меѓународната заедница кон постапките на српската држава. Курти оцени дека вчерашниот случај е агресија врз Косово и одмазда кон косовската полиција за апсењето на криминалецот Милун Миленковиќ - „Луне“, кој има дебело криминално досие.

„Србија не ги промени своите цели, мотиви и апетити, не дека нѐ изненадува со своето однесување. Она што е чудно е молкот и толеранцијата на меѓународните фактори кон дејствувањето на Србија, која постојано бара изговори за ескалација и дестабилизација, а кога ги нема, подготвена и способна е да ги создаде. Киднапирањето на тројцата косовски полицајци за нас е најјасен и најсвеж доказ“, рече Курти.

Министерот за внатрешни работи Свечла рече дека во последните недели Косово се соочува со обиди за дестабилизација што доаѓаат од Белград.

„Киднапирањето што се случи вчера се случи според планот на Специјалната антитерористичка единица САИ и Специјалната единица на Војската на Србија, Кобра, во пограничното подрачје Баре/Тресава во Општина Лепосавиќ“, нагласи Свечла.

Истакна дека во последните недели имало маскирани групи што ги напаѓале полицијата, КФОР и новинарите, а во тие напади се повредени полицајци и војници. Свечла рече дека тие групи, кои доаѓаат од Србија, не се непознати и дека дејствуваат со години.

Курти рече и дека поради безбедносната ситуација, која не е вообичаена, зајакнати се контролите на граничните премини, особено на транспортните возила. Нагласи дека овие мерки на границата со Србија не се економско-трговски, туку безбедносни.

„Ситуацијата не е нималку вообичаена и нам ни е јасно дека агресорот доаѓа од Србија, понекогаш по илегален пат, а можно е и на граничен премин. Затоа донесовме одлука за ограничено движење и зајакнати контроли додека не се донесе друга одлука“, истакна Курти.

Основниот суд во Приштина вчера му одреди мерка притвор од 30 дена на уапсениот Милун Миленковиќ, водач на криминалната група „Цивилна заштита“ поради нападот врз припадниците на Полицијата на Косово и војниците на КФОР.

Во Звечан на 29 мај во судир на српските демонстранти со меѓународните војници на Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, беа повредени 30 војници. КФОР го презеде чувањето на општинските згради во три општини на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, откако дојде до ескалација на ситуацијата кога новите градоначалници, избрани на локалните избори, ги бојкотираше српската заедница, со помош на специјалните единици на Полицијата на Косово влегоа во општинските згради.

TRT Balkan / агенции
Популарни