„Наша загриженост е што отстранувањето на барикадите не може да ја исклучи можноста за жртви. И затоа сакаме да бидеме внимателни за да бидеме сигурни дека нема да дојде до дестабилизација и дека ќе има релативен мир и безбедност“, рече Курти за „Гардијан“ (The Guardian).
Курти, исто така, истакна дека не може вечно да се дозволи кршење на законитоста и уставноста и дека треба што поскоро да се отстранат барикадите на северот на Косово, во што имаат поддршка од Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
„Мислам дека нашите западни партнери и пријатели се загрижени за врските меѓу Белград и Москва. Не знаеме како тие можат да бидат ставени во функција во случај на зголемени тензии, според ескалацијата на северот“, рече Курти.
Поминаа единаесет дена од барикадите на северот на Косово поставени од страна на косовските Срби во знак на протест на приведување на нивните сонародници.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ вчера изјави дека „Брисел и Вашингтон ги слушаат Србите од Косово само кога се на барикадите“ и додаде дека „тие само ги бараат основните човекови права“.
Властите на Косово како трајно решение го гледаат признавањето на независноста и зелено светло за членство на Косово во Обединетите нации и меѓународните организации, а Србија очекува „компромисно решение“ со кое формално-правно би го задржала територијалниот интегритет, а во суштина власта на северот на Косово, што за Владата на Косово е неприфатливо.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Белград се состана со командантот на заедничките сили на НАТО во Косово, Стујарт Манч и во таа пригода, како што напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил, го „замоли НАТО да го заштити српскиот народ во Косово.“
Во пресрет на посетата на Белград, Манч изјави дека КФОР внимателно ја следи ситуацијата на северот во Косово, како и дека е спремен е да обезбеди слободно движење на сите граѓани.
Командантот на заедничките сили на НАТО ги повика сите страни да делуваат конструктивно и да обезбедат слобода на движење во Косово.