Лајчак имаше важни состаноци со премиерот на Косово Албин Курти и косовската претседателка Вјоса Османи / Photo: AA

Од страна на косовските лидери постои разбирање да се тргне напред во однос на трите точки што ги бара ЕУ, изјави синоќа специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по синоќешната средба со премиерот на Косово, Албин Курти. Според Лајчак деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово една од точките за кои постои потреба од унапредување.

Лајчак смета дека тоа не е лесна задача и дека состаноците со претседателката Вјоса Османи и премиерот Курти биле важни.

„Постои јасна потреба да се унапредат три точки што ги претстави Европската Унија, а тоа се деескалација, предвремени избори и враќање на нормализацијата. Ќе продолжиме со нашите разговори за конкретните чекори за да достигнеме до овие точки“, нагласи Лајчак.

Тој не сакаше да го коментира воведувањето привремени казнени мерки од Европската Унија кон Косово поради несоработка во врска со деескалацијата на ситуацијата во општините на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население.

„Мојата желба беше Европската Унија да не ги спроведува овие санкции ниту на Косово, ниту во Србија. Мојата желба е во Брисел да разговараме со двете страни за тоа како да го примениме февруарскиот договор“, нагласи Лајчак.

Тој додаде дека се подготвени мерки и против Србија, доколку се сфати дека Белград не постапува во согласност со барањата на ЕУ. Лајчак денес престојува во посета на Белград.

TRT Balkan / агенции
Популарни