Во Црна Гора во недела се одржани локални избори во 14 општини. Демократската партија на социјалистите (ДПС), партија на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, по 24 години, ја загуби власта во Подгорица, додека до промена на власта дојде во уште седум општини.
Во Подгорица коалицијата „Сите за нашиот град“ која ја предводи досегашниот градоначалник Иван Вуковиќ од ДПС, освои околу 40 отсто од гласовите. Движењето „Европа сега“ е најголемото изненадување на овие избори, бидејќи во Подгорица освоиле околу 21 отсто од гласовите, па заедно со ДФ (Демократски фронт), УРА и Демократите ќе ја сочинуваат идната локална власт. Коалицијата на ДФ освои 18 отсто од гласовите, Демократите 10 отсот, додека УРА освои 6,4 отсто.
ДПС власта ја загуби и во Пљевља, на Жабљак, во Даниловград. Во Пљевља, ДФ ја презеде власта, освојувајќи 12 мандати, коалицијата ДПС-СДП-СД-БС освои девет, додека Демократите освоија седум мандати, „Европа сега“ освои четири мандати, УРА и СНП по еден мандат. Во Будва апсолутна победа однесе Демократски фронт, додека во Рожаје апсолутна власт освои „Бошњачка странка“ (БС), со освоени 22 мандати.
Во Бијело Поље коалицијата ДПС-СДСП-СД-ЛП освои 15 мандати, пет советници во локалниот совет ќе има коалицијата „Одиме луѓе“, додека по четири мандати ќе имаат „Бошњачка странка“ и „Европа сега“.По два мандати освоија УРА и СНП.
Демократската партија на социјалистите (ДПС) на локалните избори во Даниловград освои 10 мандати, Движењето „Европа сега“ осум мандати, а ДФ освои пет. Граѓанското движење УРА освои два мандати, а Социјалдемократската партија, Социјалистичката народна партија, Движењето „Вистинска Црна Гора“ освоија по еден мандат.
Коалицијата ДПС-СДП-ЛП победи на неделните избори во Бар и освои 15 мандати. Демократите освоија осум мандати, ДФ 5, УРА 3 мандати, СД 3 мандати, „Го избирам Бар“ два мандати и „Бошњачка странка“ еден мандат. Во Плав, коалицијата СД-ДПС-СДП освои мнозинство од 16 мандати, БС освои 7 мандати, ДФ 4, УРА 3, додека СНП освои еден мандат.
Апсолутна власт во Плужине освои Социјалистичката народна партија (СНП), во Зета апсолутен победник е Демократски фронт, додека гласањето во Шавник е прекинато на пет гласачки места и се очекува дека ќе биде повторено следната недела.