Од утре, 25 октомври се редуцира возниот ред за Битола. Возови од Скопје кон Битола и обратно ќе сообраќаат само еднаш дневно./ Photo: AA Arhiva

Укинување на железничките линии во земјата, но и оние линии кои Скопје го поврзуваа со градовите во регионот, повремени штрајкови на вработените во железницата, лоша состојба со железничките станици, застарени возови. Накратко ваква е состојбата со македонскиот железнички транспорт, а поради овие причини бројот на патниците во континуитет се намалува.

Исто така, во последниот период неколку пати веќе е редуциран возниот ред.

Од утре, 25 октомври се редуцира возниот ред за Битола. Возови од Скопје кон Битола и обратно ќе сообраќаат само еднаш дневно. Се укинуваат по два воза дневно. За патниците од среда ќе има само воз од Скопје за Битола во 14 часот и 30 минути. Повратниот воз од Битола за Скопје е во 3 часот и 13 минути.

„ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација ‘Битола – Прилеп – Велес – Скопје’ и обратно дека од ден 25.10.2023 година (среда) дека сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643 кој поаѓа од Скопје во 14.30 часот и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03.13 часот. Овие измени ќе важат од 25.10.2023 година до нивно отповикување“, соопштија од од Македонски железници.

Патничките возови меѓу Скопје и Битола најкористени

Според бројот на превезени патници, патничките возови меѓу Скопје и Битола се најкористени. Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека прилепската железничка станица е трета по големина во земјава со 60.000 отпатувани патници во 2022 година, по Скопје (150.000) и Велес (116.000 патници).

Железничкиот сообраќај на погрешни шини AA Archive

За потсетување, од 4 јануари годинва се укинати и линиите

Скопје-Куманово-Табановце-Скопје, а од мај 2021 и железничкиот сообраќај на релациите Скопје-Кичево-Скопје и Скопје-Кочани-Скопје. Укинувања на железнички линии има и во меѓународниот превоз. Веќе неколку години патниците не можат да патуваат со воз и на релацијата од Скопје кон Белград и Солун.

Во функција се железничките линии Скопје-Гевгелија-Скопје и Скопје-Велес-Скопје.

Без оглед што возот се смета за најеколошко и најевтино средство за масовен превоз на патници во континуитет доживува значителен пад на бројот на превезени патници.

Статистичките податоци покажуваат дека во последните пет години, бројот на патници е намален за 30 отсто.

Железничкиот сообраќај на погрешни шини AA Archive

Рушење неславни рекорди: Трипати помалку патници за 10 години

За десет години бројот на патници во железничкиот сообраќај во Северна Македонија се намалил за трипати.

Во 2011 година со воз патувале вкупно 1,4 милион патници. Во наредните години бројот опаѓал, па така во 2014 година бројот на патници се намалил на 803.111, за да пред две години бројот на патниците во железничкиот сообраќај изнесува околу 250.000.

Во 2015 година, бројот се зголемил на еден милион патници, а оттогаш повторно има надолен тренд. Во 2019 година биле превезени околу 550.000 патници во возовите, а во 2020 година, меѓу другото и поради пандемијата, оваа бројка се преполови на 253.058 патници. Во 2021 година со воз патувале 252.000 патници. Ова е помалку и од пандемската 2020 година кога со воз патувале 253.058 граѓани и е најлош резултат во историјата на Македонските железници.

Возот како последна алтернатива за граѓаните

Иако некогаш патувањето со воз претставувало голема потреба со оглед на помалата застапеност на другите превозни средства, но и задоволство, поради комоцијата што ја нуди железничкиот превоз. Денес оваа слика е сменета.

Во ерата на масовната употреба на автомобилите, редовните автобуски линии, кои се значително побрзи и поредовни од возовите, македонскиот железнички транспорт остана како последна алтернатива за граѓаните.

TRT Balkan
Популарни