Ниту енергетската, ниту економската криза не го вратија патничкиот железнички сообраќај во живот. Напротив, патничкиот железнички сообраќај во Република Северна Македонија продолжува да руши неславни рекорди според бројот на превезени патници на годишно ниво.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2021 година со воз патувале 252.000 патници. Ова е помалку и од пандемската 2020 година кога со воз патувале 253.058 граѓани и е најлош резултат во историјата на Македонски железници.
Иако некогаш патувањето со воз претставувало голема потреба со оглед на помалата застапеност на другите превозни средства, но и задоволство, поради комоцијата што ја нуди железничкиот превоз, денес оваа слика е сменета.
Во ерата на масовната употреба на автомобилите, редовните автобуски линии, кои се значително побрзи и поредовни од возовите, железничкиот транспорт во Северна Македонија остана како последна алтернатива за граѓаните.
Трипати помалку патници за 10 години
За десет години бројот на патници во железничкиот сообраќај во Северна Македонија се намалил за трипати.
Во 2011 година со воз патувале вкупно 1,4 милион патници. Во наредните години бројот опаѓал, па така во 2014 година бројот на патници се намалил на 803.111.
Во 2015 година, бројот се зголемил на еден милион патници, а оттогаш повторно има надолен тренд. Во 2019 година биле превезени околу 550.000 патници во возовите, а во 2020 година, меѓу другото и поради пандемијата, оваа бројка се преполови на 253.058 патници.
Без оглед што возот се смета за најеколошко и најевтино средство за масовен превоз на патници во континуитет доживува значителен пад на бројот на превезени патници.
Особено тоа беше евидентно по почетокот на пандемијата од Ковид-19 во 2020 година, кога беше ограничено движењето на граѓаните како мерка против ширење на вирусот.
Кои се причините за опаѓање на бројот на патниците?
Пандемијата не е единствената причина за опаѓањето на бројот на патници во железничкиот сообраќај. Намалувањето на бројот на патничките возови што сообраќаат, честите прекини во сообраќајот поради штрајкувањето на вработените во МЖ, доцнењето на возовите, но и бројните забелешки на граѓаните во однос на укинувањето на бесплатните билети, се само дел од многуте причини што негативно влијаат врз железничкиот сообраќај.
Во ЕУ состојбата се подобрува
Колку за споредба, за разлика од опаѓањето на бројот на превезени патници со воз во Северна Македонија, во земјите од Европската унија, железниците се враќаат на бројката на превезени патници од пред пандемијата. Статистичките податоци на Евростат за третиот квартал од 2021 година, покажуваат раст на бројот на превезени патници во однос на 2020 година. Највисок раст на бројот на патници од 45 отсто е регистриран во Словенија.
Податоците на Евростат велат дека во 20 земји-членки на Европската унија се зголемил бројот на превезени патници со возовите во 2021 во споредба со 2020 година.
Во Грција и Бугарија, регистриран е зголемен број на патници минатата година.
Во Грција се превезени 28.000 патници повеќе во железничкиот сообраќај, а железницата во Бугарија забележала раст на бројката на превезени патници за 225.000 во 2021 година во споредба годината претходно.