Откако Европската Унија потврди дека на 10 ноември, односно половина година пред имплементацијата на системот Етиас, по неколку одложувања, ќе започне со работа системот за влез и излез (EEС) за земјите од Шенген зоната, начинот на влез на граѓаните, пред сѐ, од Западен Балкан, како Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово, Албанија, но и од Молдавија и Украина значително ќе се смени кога станува збор за европскиот континент.
EEС ќе бара од патниците на границата да дадат биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и слики од лицето. Тоа е дел од мерките чија цел е да им се отежни влез на криминалците или терористите во ЕУ со лажни пасоши. Според првите предвидувања, системот требаше да профункционира веќе во 2022 година.
Како што е наведено, секој патник од земји што не се членки на Шенген зоната ќе мора да ги обезбеди своите лични податоци секогаш кога ќе стигне до надворешните граници на европските земји користејќи го EEС.
Податоци од патни исправи и EEС
EEС собира, евидентира и складира податоци наведени во патните исправи (целосно име, датум на раѓање...), датум и место на секое влегување и излегување, слика на лицето и отпечатоци од прсти (т.н. „биометриски податоци“), како и дали на патникот му бил одбиен влез.
Врз основа на собраните биометриски податоци, биометриските шаблони ќе бидат креирани и складирани во заедничката служба за биометриско совпаѓање.
За граѓаните на земјите што имаат краткорочна виза за влез во Шенген зоната, нивните отпечатоци од прсти веќе ќе бидат зачувани во Визниот информациски систем (ВИС) и нема повторно да се чуваат во ЕЕС.
Секој патник што ќе пристигне на надворешната граница на ЕУ, односно на Шенген зоната, ќе мора да ги даде своите лични податоци како што е наведено. Службениците за пасошка контрола ќе скенираат отпечатоци од прсти и ќе фотографираат поединци. Оваа информација ќе биде снимена во дигитална датотека.
Во исто време пасошот на патникот (биометриски или небиометриски) нема да биде заверен.
Овој процес на граница може да биде побрз доколку патникот однапред регистрира некои од своите податоци. Ова првенствено зависи од тоа дали има наменска опрема („систем за самопослужување“), дали е достапна на граничниот премин или дали има мобилна апликација - дали е достапна во земјата на пристигнување или поаѓање.
Меѓутоа, во кој било од горенаведените случаи, како патник ќе сретнете службеник за пасошка контрола на границата.
Најинтересно е што се случува ако сте ги преминале границите на европските земји користејќи EEС повеќе од еднаш од почетокот на неговата примена.
Систем за самопослужување
Вашите отпечатоци од прсти или фотографија од вашето лице веќе ќе бидат снимени во EEС. Службениците за пасошка контрола ќе ги проверуваат само вашите отпечатоци од прсти и фотографија, што ќе потрае помалку време. Во ретки случаи може да биде потребно повторно да се соберат и да се забележат вашите податоци.
Доколку се поседува биометриски пасош, ќе може побрзо да се влезе преку системот за самопослужување (ако е достапен на граничниот премин).
Важно е да се наведе дека доколку биометриските податоци се одбиени, на патникот ќе му биде забранет влез на територијата на европските земји што користат EEС.
Исто така, системот ќе бележи уште колку дена на патникот ќе му биде дозволено да престојува на територијата на европските земји. Тоа ќе биде можно да се провери со помош на EEС или преку онлајн алатката EEС.