Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград изјави дека на Србија и е место во Европската унија (ЕУ).
Макрон пристигна во дводневна посета на Србија, каде пред палатата „Србија“ беше пречекан од колегата Вучиќ со највисоки воени почести. Потоа се одржа средба меѓу Вучиќ и Макрон, а потоа се одржа церемонија на размена на потпишани билатерални документи.
По средбата, претседателот на Франција на прес-конференцијата му изрази благодарност на Вучиќ за топлото добредојде и рече дека му е мило што со делегацијата се вратил во Србија.
„Би сакал денес со своето присуство повторно да упатам порака на пријателство од Франција за Србија и да на најрешителен начин кажам дека на вашата земја местото и е во Европа, Европска унија“, рече Макрон.
Тој нагласи дека во последните пет години односите на Србија и Франција доживеале ново темпо.
„Нашата економска соработка е зајакната. Француските компании се ангажирани во долгорочни инфраструктурни проекти како што се белградското метро, модернизацијата на аеродромот „Никола Тесла“, каде утре ќе ги одбележиме успешно завршените работи, модернизација на дистрибуцијата на електрична енергија, управување со отпад и соработка во областа на здравството“, рече Макрон.
Потенцира дека економските активности се зголемуваат во двете насоки и дека постигнуваат поголеми успеси.
„Француската агенција за развој која е присутна во Србија од 2019 година издвои свота од речиси 600 милиони евра и продолжува да ги развива своите активности“, рече тој.
Истакна дека повторно ја посетил Србија за да се увери дека Србија и Франција можат да го продолжат својот пат во меѓународниот и европскиот контекст.
„Многу нешта се случија во последните пет години, имаме многу тензии. Војната се врати на европскиот континент со агресијата на Русија против Украина. Мојата порака е едноставна, Европската унија и нејзините земји членки, на нив им е потребна во овој контекст, силна и демократска Србија, а на Србија и е потребна силна и суверена ЕУ за да ги брани нејзините интереси. На Србија и е местото во ЕУ и таа тука може да одигра една многу важна улога и да послужи како пример за целиот регион на Западен Балкан и ние сме спремни да пружиме поддршка на сите напори кои се неопходни, како во областа на економијата, така и во подобрувањето на владеењето на правото и секојдненвиот живот“, рече Макрон. Изрази желба наскоро да се стекнат услови за отворање на нов кластер на преговарачките поглавја помеѓу Србија и ЕУ.
„Како и Франција, и Србија исто така, се стреми кон независност и суверенитет, кои денес само ЕУ може да ги понуди благодарение на средствата за стратешка автономија со кои располага. Стратешка автономија, можеме заедно да ја консолидираме и да ја зајакнеме нашата безбедност. Ова не е само во ЕУ на ниво, тоа е веќе во рамките на европската политичка заедница и го градиме заедно со земјите кои сакаат да се приближат до Европската Унија - терминот сојуз меѓу нашите две земји како дел од силна и суверена ЕУ“, рече Макрон.
Тој ги коментираше и проектите поврзани со ископувањето на литиум и други руди во Србија.
„Гледам како зовриваат страстите овде. Во Франција имаме проекти во оваа област и важно е владите да соработуваат за да се погрижат проектите да ја почитуваат заштитата на животната средина. Ние можеме да ви помогнеме, но сите одлуки се на Србија. Србија донесува независни одлуки“, посочи тој.
На вториот ден од посетата, Макрон ќе замине во Нови Сад, каде ќе ја посети галеријата на Матица Српска и ќе ги посети новите инсталации. Се очекува Макрон и Вучиќ да се обратат на Форумот за млади и вештачка интелигенција во Нови Сад.
На вториот ден од посетата ќе се одржи церемонија на откривање на плочата по повод завршувањето на работите на модернизацијата на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и обраќање на двајцата претседатели, со што ќе биде заокружена посетата на францускиот претседател.
Францускиот претседател за првпат беше во официјална посета на Белград во јули 2019 година, кога двете земји прославија 180 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Вучиќ во април годинава беше во официјална посета на Париз.