Марш на мирот: Скопје се сеќава на Сребреница / Photo: AA

Во Скопје се одржа традиционалниот Марш за Сребреница, со кој Бошњаците и граѓаните од различните етнички заедници во Северна Македонија го одбележаа 11 Јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Маршот започна во паркот во општина Чаир, а заврши на плоштадот „Македонија“, каде се одржа и комеморативна програма.

Маршот се одржа во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија.

Претседателот на БНС, Џевад Хот, во своето обраќање говореше во врска со извршените напади врз Бошњаците и геноцидот во Сребреница.

„Многумина од тие злосторници денес би сакале во календарот да не постои 11 јули. Многумина би го избришале тој датум. Но, ние нема да заборавиме. Ние секогаш ќе се сеќаваме и секогаш ќе потсетуваме“, рече Хот, додавајќи дека со денешниот марш посочуваат дека геноцидот не треба да се заборави.

Во текот на денешниот ден, Комитетот за односи меѓу заедниците кое е постојано работно тело на Собранието на Северна Македонија, одржа комеморативна седница за да го одбележи 11 Јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, на која присуствуваше претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, пратеничката Санела Шкријељ, како и претставници на владини институции и претставници на бошњачките невладини организации во земјава.

Низ годините наназад Бошњаците во Северна Македонија со низа информативни и културни настани се присетуваат на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Собранието на Република Северна Македонија во февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница.

Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница.

Во геноцидот се убиени 8.372 лица, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.

TRT Balkan / агенции
Популарни