Месото стана луксуз за балканските трпези     Фото: TRT Balkan

Месото и месните производи отсекогаш биле составен дел од традиционалните кујни за сите балкански култури. Без разлика дали се работи за месо со како главно јадење или како додаток со компири, грав, зелка или десетина други специјалитети, тоа има речиси централна улога во балканската кујна.

Но, продлабочувањето на сиромаштијата од една страна и огромниот пораст на цените од друга страна, сѐ повеќе го претвораат месото во луксуз на трпезата.

Всушност, извештајот на Евростат, Европската канцеларија за статистика, покажува дека Северна Македонија и Албанија водат на целиот европски континент во однос на бројот на луѓе кои не можат да си дозволат редовно да јадат месо.

Кризата и инфлацијата го претвораат месото во луксуз на трпезата     Фото: TRT Balkan

Околу 36,5 отсто од населението во Северна Македонија, според извештајот, не може да си дозволи оброк со црвено месо, пилешко или риба секој втор ден. Веднаш потоа доаѓа Албанија со 34,3 отсто од населението кое не може да обезбеди оброк со месо секој втор ден.

Една четвртина од бугарското население исто така не може да принесе месо на трпезата секој втор ден. Во Србија и Црна Гора, само 14,9 и 14,5 отсто од населението имаат проблем да си дозволат редовно консумирање месо.

За Косово и Босна и Херцеговина нема податоци на оваа тема. Во Хрватска само 7,9 отсто од населението имаат проблем со обезбедување на месо, што е помалку од просекот на Европската Унија (ЕУ), каде што оваа категорија граѓани сочинува 8,1 отсто од населението.

Инфлација, дополнителен удар врз семејниот буџет

Цената за килограм говедско месо во балканските супермаркети се движи од 8 до 10 евра      Фото: TRT Balkan

Податоците погоре се за 2021 година, која сепак беше најдобра година на економски план во последниот период, помеѓу пандемијата и енергетската криза.

Инфлацијата, како резултат на енергетската криза и војната во Украина, ги погоди сите области, вклучително и месната индустрија. Цената за килограм говедско месо во балканските супермаркети се движи од 8 до 10 евра.

Според анализата на ТРТ Балкан, најевтино е во Албанија и Црна Гора со 8, односно 8,5 евра, додека најскап килограм говедско месо се плаќа во Србија и Косово, 10, односно 9,5 евра. Во Северна Македонија и БиХ треба да одвоите околу 9 евра во просек за килограм месо.

Овие цени, како и повеќето прехранбени производи, се многу повисоки во однос на минатата година.

Црна Гора со највисоки плати, Албанија со најниски

Балканските плати во однос на растечките цени      Фото: TRT Balkan

Гледајќи ги балканските плати во однос на растечките цени, не е чудно што голем дел од граѓаните на Балканот не можат да си дозволат редовно консумирање месо.

Просечната нето плата на Балканот годинава е меѓу 400 и 700 евра. Највисоки плати има во Црна Гора со просечни 710 евра нето плата. После неа следуваат Србија со 622 евра просечна нето плата и Босна и Херцеговина со 575 евра просечна нето плата. Потоа следуваат Северна Македонија (517 евра) и Косово (432 евра) . Албанија има најниски плати во регионот, со просечни 427 евра нето месечно.

Тековните кризи во последните години уште повеќе ја продлабочија сиромаштијата во балканските земји. За време на пандемијата Ковид-19, во 2020 година, сиромаштијата се зголеми за 1,4 отсто, додека, според Светска банка, само во 2020 година помеѓу 165.000 и 336.000 луѓе од овој регион паднале во сиромаштија.

Како што започна закрепнувањето по пандемијата во 2021 година, со пад на сиромаштијата за 2,9%, оваа година на хоризонтот се појавија други предизвици. Војната во Украина, како и енергетската криза и последователната инфлација, додадоа притисок врз сиромашните. Предвидувањата се дека сиромаштијата уште повеќе ќе се продлабочи.

Според меѓународните стандарди, екстремната сиромаштија се смета за живеење со помалку од 2,15 долари на ден.

TRT Balkan
Популарни