Целта на Владата е да се развива економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.
Мицкоски смета дека за да се направи диверзификација на извозот потребно е да се реализираат стратешките цели на државата.
„Прво вие не можете преку ноќ да промените еден систем којшто е граден со децении и немате магично стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа потребно е стратешките цели на државата да ги реализираме. Јас секогаш за тоа зборувам, еве ја користам и оваа можност сега да потенцирам дека мојот сон, бидејќи сме земја којашто не излегува за жал на море, и овој недостаток треба да го претвориме во наша предност“, изјави премиерот.
Според него, нашата предност е што сме природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, тоа се Коридорот 8 и 10.
„На тој начин кога ќе го заокружиме овој процес ние ќе бидеме раскрсница и на транспортниот и на железничкиот и на енергетскиот, би рекол, и на енергетската раскрсница во овој дел на Европа. И тоа е она коешто на нас треба да ни даде геостратешка предност за да можеме како држава најпрвин да бидеме во зеницата, во радарот на големите инвеститори и на големите земји“, рече Мицкоски.
Што се однесува до економската криза во Германија, тој истакна дека ние сега веднаш тоа нема да го почувствуваме, но таму некаде вториот квартал следната година можно е да има негативни ефекти, генерално во светот, а посебно Европа.
„Затоа ние многу внимателно пристапуваме и планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и ги позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка. И затоа рековме од оние половина милијарда евра пари коишто веќе се легнати на сметката на Народната банка, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите и веќе сме во преговори со банките, како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови“, рече Мицкоски и додаде:
„Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што ние очекувавме. Но тоа е што е. Ќе разговараме со банките па ќе видиме до каде ќе стигнеме, но во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови коишто ги имаше оној заем, односно 3,25% камата, 3 години грејс период и период на отплата до 12 години дополнителни. Има тука дилема кај некои од банките дали можат машините повеќе од 7 години да бидат интабулирани поради амортизацијата и така натаму. Но се надевам дека низ разговор сето ова ќе биде надминато и останатите средства ќе бидат за капитални инвестиции. Дел за општините, дел за централната влада, бидејќи не можат сите општини веднаш да ги стерилизираат овие пари во нивните инвестиции, бидејќи ќе треба време, смета премиерот.
Тој потенцираше дека наша цел е да се даде еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа.
„На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемите приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Но да завршам, доколку очекуваме дека ние веднаш од една опција којашто сме ја имале ќе имаме наеднаш 10, 20, 50 опции, тоа е невозможно бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање. Немаме нафта, немаме гас, не сме на море држава, така што сето ова коешто го зборував е наша стратешка како Влада определба и мој личен сон и мислам дека тоа многу скоро денеска ќе реализираме“, изјави претседателот на Владата.