Македонскиот и унгарскиот народ ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит, нагласи Мицкоски / Photo: ТРТ Балкан

Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската унија и нашите аспирации за полноправно членство, заклучи премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Охрид со унгарскиот колега Виктор Орбан.

Посочи дека двете држави имаат заедничката визија за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство.

„Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска, која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Унијата“, рече Мицкоски.

Македонскиот и унгарскиот народ, нагласи тој, ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит.

„Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење на силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка“, додаде Мицкоски.

Историјата, подвлече, сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка.

„Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, истакна македонскиот премиер.

На денешната тет-а-тет средба со унгарскиот колега, информира дека разговарале за повеќе тему од билатерално и регионално значење.

„Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а денешните разговори беа фокусирани на конкретни проекти кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси. Дискутиравме за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи. Унгарија е пример за тоа како силните билатерални односи и заедничката визија можат да донесат конкретни резултати“, заклучи Мицкоски.

Посетата на премиерот на Унгарија во земјава очекува дека ќе придонесе за уште посилно партнерство и за нови можности за соработка, кои ќе ги оствариме во интерес на граѓаните.

Претходно делегациите на двете земји одржаа меѓувладина седница, а беа остварени и билатерални средби меѓу ресорните министри од двете влади.

TRT Balkan / агенции
Популарни