Вучиќ и Мицкоски посебен акцент во разговорите ставиле на изградбата на пругата Будимпешта- Белград- Скопје- Атина- Пиреја / Photo: AA

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, престојува во официјална средба на Србија, каде се сретна со државниот врв на соседната земја.

На средбата со Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, Мицкоски ја истакнал потребата од поголема економска и политичка соработка.

„Двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство. Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“, истакна премиерот Мицкоски во својата објава на социјалната мрежа X.

Српскиот претседател рече дека разговарале за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина-Пиреја, која би ги поврзала јужна и централна Европа, како и за подобрување на трговската размена и соработка на полето на енергија.

Вучиќ додаде дека се согласиле дека солидарноста и меѓусебната поддршка се клучни за стабилноста и развојот на целиот регион.

„Посебно сум благодарен што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзување на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани и соработка преку иницијативата Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател изрази уверување дека и во иднина ќе продолжат да ги развиваат односите во духот на пријателство и партнерство.

Мицкоски оствари средба и со неговиот колега, премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ.

Премиерот Мицкоски во објавата истакна дека средбата е одржана во духот на традиционално добрите односи меѓу двете земји.

„Разговаравме за подобрување на соработката во енергетиката, економијата и транспортната инфраструктура, како и за заедничките напори за справување со регионалните предизвици“, напиша Мицкоски во друга објава на X.


TRT Balkan / агенции
Популарни