Мицкоски за говорот на Додик: Не очекував дека ќе го злоупотреби настанот

Свечената академија не е место за испраќање такви политички пораки, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски прашан како го оценува синоќешниот говор на Милорад Додик, претседател на Република Српска, еден од двата босанско-херцеговски ентитети, на настан во Скопје по повод празникот на српската заедница во државава – Свети Сава.

За говорот со анти-ЕУ и анти-НАТО пораки, во кој Додик го негираше и геноцидот во Сребреница, претседателот на Владата рече оти не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.

„Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти ЕУ, анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки бидејќи тоа, сепак, беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

На прашање кои институции кај нас ќе бидат најзасегнати по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на средствата од САД наменети за поддршка на проекти низ светот, Мицкоски одговори дека не мисли дека ќе има државни институции што ќе бидат афектирани од таа одлука на Трамп.

„Но, правиме анализа и ќе видиме, ќе носиме стратегија и заклучоци“, додаде Мицкоски.

TRT Balkan / агенции
Популарни