Пленковиќ си замина од Пантовчак без да им се обрати на новинарите, а изјава не даде ниту Милановиќ / Photo: Andrej Plenkovic X

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во петокот му го довери мандатот за состав на нова влада на актуелниот хрватски премиер и претседател на партијата ХДЗ Андреј Пленковиќ.

Конститутивната седница на новото свикување на Собранието е закажана за в четврток.

Пленковиќ на социјалната мрежа Х потврди дека денеска на Милановиќ му предал 78 потписи на пратеници кои беа избрани на парламентарните избори на 17 април. За мнозинство во 151-члениот парламент потребна е поддршка од најмалку 76 пратеници.

Милановиќ веќе во четврток ја најави конститутивната седница на 11-то свикување на хрватскиот Сабор, што ќе се одржи следниот четврток. Се очекува дотогаш да биде избран и претседател на парламентот.

Пленковиќ веќе потврди дека новата влада ќе има повеќе министерства од претходните 16. Три министерства ќе му припаднат на коалициониот партнер на ХДЗ во новата влада, десничарското Татковинско движење (ДП). Тоа ќе бидат Министерството за земјоделство, Министерството за економија и новоформираното Министерство за демографија.

За време на коалициските преговори, двете партии се согласија и дека никој во новата влада нема целосно да ги контролира ресорите и дека ДП ќе спроведе дел од програмските насоки во секој ресор.

ХДЗ на изборите освои 61 пратенички мандат, додека ДП заедно со своите партнери освоија 14. Веднаш по изборите коалицијата со ДП ја напушти Мислав Колакушиќ од партијата Право и Правда, а вчера поддрша одби да му даде на Пленковиќ членот на ДП Јосип Јурчевиќ.

Потписите за мандатот ги дадоа членовите на ХДЗ, 12 избрани пратеници на ДП, четворица претставници на малцинствата и наводно Весна Вучемиловиќ, член на партијата Хрватски суверенисти, која беше избрана на листата на Мост.

Во новата хрватска Влада, за разлика од претходните два мандати, нема да биде Независна демократска српска партија (СДСС) на Милорад Пуповац, што беше експлицитно барање на ДП.

Ова е трет мандат на ХДЗ и премиерот Пленковиќ на чело на извршната власт.

Јавноста во Хрватска особено беше заинтересирана за средбата меѓу Милановиќ и Пленковиќ, кој му ги донесе потписите на 78 пратеници, поради нарушените односи меѓу двајцата политичари. Пленковиќ си замина од Пантовчак без да им се обрати на новинарите, а изјава не даде ниту Милановиќ.

Нетрпеливоста кулминираше откако најголемата опозициска партија СДП го истакна Милановиќ за кандидат за премиер, што Уставниот суд го прогласи за неуставен чин.

TRT Balkan / агенции
Популарни