Милатовиќ: На Црна Гора и треба стабилна политичка влада / Photo: AA

Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ му предложи на црногорскиот Парламент мандатар за состав на новата влада да биде лидерот на Движењето Европа сега (ПЕС) Милојко Спајиќ.

ПЕС освои најмногу гласови на парламентарните избори во јуни и ќе има 24 пратеници во Собранието.

Спајиќ, според Уставот, има рок од три месеци да обезбеди поддршка од најмалку 41 пратеник и да формира Влада по добивањето на мандатот.

„Во текот на консултациите се искристализира само еден предлог на кандидат за мандат за состав на 44. Влада на Црна Гора, а тоа е носителот на листата Европа сега на последните парламентарни избори, Милојко Спајиќ. Господинот Спајиќ беше поддржан од политички субјекти кои имаат вкупно 44 пратенички места во Собранието на Црна Гора”, рече денеска Милатовиќ на прес-конференција во Цетиње.

Според Милатовиќ ова означува почеток на следната фаза, која подразбира постигнување политички договор и формирање парламентарно мнозинство кое ќе избира Влада.

„Очекувам одговорност и целисходност од Спајиќ како иден мандатар, како и од сите политички актери кои учествуваат во преговорите за формирање на Влада. Како претседател на Црна Гора, сметам дека на Црна Гора и е потребна стабилна политичка Влада на овој момент, со неспорни европски и реформски профили, чии конституенти во Собранието на Црна Гора решително ќе придонесат за реализација на сите потребни назначувања во правосудството, ќе отворат дијалог за изборните реформи и ќе дејствуваат ефикасно кога станува збор за иницијативи важни за подобрување на владеењето на правото, подобрување на животниот стандард и забрзување на европскиот пат“, рече Милатовиќ.

Тој истакна дека ќе ги следи преговорите за конституирањето на идната Влада со посебно внимание до финализирање на целиот процес.

AA
Популарни
Оваа страница користи колачиња. Продолжувајќи да ја пребарувате страницата, се согласувате со употреба на колачиња.Политика за колачиња
Прифати